Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Тргнувањето на училиште е важен и значаен ден за секое дете, но и за неговите родители. Детето се чувствува гордо и „возрасно“, но е неоптоварено и сè уште нема јасна претстава што го чека таму. Родителите, од друга страна, понекогаш се оптоваруваат со многу прашања и грижа како детето ќе се снајде во новата средина.
Важно е и како реагираат родителите. Ако се вознемирени и уплашени, тие чувства ќе му ги пренесат и на детето, без оглед колку и да се обидуваат да ги скријат. Затоа, покажете му на детето дека сте среќни и горди со него затоа што поаѓа на училиште.
Детето мора да ги почувствува вашите позитивни емоции, дека сте среќни и дека го поддржувате во тие моменти затоа што тргнувањето на училиште е нормален знак дека детето пораснало.
За училиштето треба да се зборува на ведар и забавен начин
Должност на родителите е да создадат атмосфера во која детето со задоволство ќе тргне на училиште и таму ќе се чувствува пријатно, сигурно и забавно и училиштето ќе го смета за место каде што ќе ги задоволува своите потреби и ќе биде среќно.
Разговарајте со децата за училиштето, за вашето школување. Потсетете се и раскажете му за вашата учителка, вашите доживувања, анегдоти, школски искуства, дружењето и играњето со врсниците. На тој начин ќе му доловите колку различни и интересни работи го очекуваат во училиштето. Зборувајте за училиштето како за место каде што се учи, се расте, се дружи и се забавува со своите врсници. Разговарајте со детето за тоа зошто треба и зошто мора да се оди на училиште, што се очекува од него како ученик, но и за промените во семејниот живот кога тоа ќе тргне на училиште.
Објаснете му на детето дека ќе го споредуваат со другите деца
Важно е да се објасни разликата меѓу градинка и училиште. Родителите треба да го претстават училиштето на реален и веродостоен начин. Детето треба да се подготви дека таму ќе има помалку играње, а повеќе работа, обврски и одговорности, дека ќе научи многу нови работи, но и дека ќе запознае нови пријатели и ќе се забавува. Детето треба да се подготви и на тоа дека неговата работа и однесување ќе се оценуваат и ќе се споредуваат со другите деца.
Понекогаш родителите користат реченици како: „Ќе видиш кога ќе тргнеш на училиште, таму ќе треба многу да работиш, нема да има време за играње!“ или „Ќе видиш ти како ќе мора да ја слушаш учителката на школо!“ Ваквите реченици никако не смеат да се употребуваат затоа што со нив на детето му се праќа порака дека школото е непријатно место, поради што тоа може да се почувствува несигурно, уплашено и вознемирено. Ваквите реченици можат да предизвикаат непријатност, мачнина, развој на страв, но и негативно да влијаат врз мотивацијата. Детето не смее да се заплашува со училиштето и обврските, туку треба добро да се подготви за нив.
Немојте да ги исмејувате училиштето и наставниците
Важно е родителите да зборуваат позитивно за училиштето и за наставниците. Позитивниот став на родителите кон училиштето влијае и врз позитивниот став на детето кон него, кон прифаќањето и мотивацијата за учење. Затоа родителите не смеат да ги исмејуваат или да зборуваат негативно за училиштето и учителите пред своите деца.
Многу е важно родителите да испратат порака дека училиштето зазема важно место во нивната скала на вредности, дека го почитуваат учењето, знаењето и создавањето затоа што детето учи според модел и го усвојува начинот на кој се однесуваат неговите родители.
Затоа, покажете и вие ентузијазам кон учењето, создавањето, училиштето…