Како варираше цената на кокаинот во САД од ’80-те до денес


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Кокаинот е неизоставен дел од трговијата со наркотици во САД од 80-те години на минатиот век, кога почнува да навлегува во земјата. Подоцна, низ декадите, бизнисот со кокаин преминува низ различни трансформации, одбележани од борбата меѓу наркокартелите за контрола врз шверцот и трговијата со дрога, како и од усилбите на властите во земјите од Латинска Америка и САД да стават крај на на истите. На каков начин се одразува тоа врз цената на кокаинот во САД можеме да видиме во неодамна објавениот материјал на Business Insider.

Во првите години, најголемиот производител на кока е Перу. Во тој период, цената на кокаинот е многу висока – над 700 долари за грам на мало, и околу 400 долари по грам за порачки меѓу 10 и 100 грама (цените го одразуваат инфлациониот ефект). Податоците се земени од минатогодишниот White House National Drug Control Strategy Report, кој го покрива периодот од 1981 до 2012 година.

До крајот на 80-те се забележува сериозен пад во цените на кокаинот – пад кој во 1989 година достигнува до околу 100 долари по грам за големи набавки (250 долари по грам на мало). Потоа цената на наркотикот останува релативно стабилна, бележејќи тенденција на рамномерен пад, кој е нарушен дури кон последните години.

Големиот пад на цената на кокаинот во 80-те години се совпаѓа со излегувањето на сцената на Пабло Ескобар и другите колумбиски наркошверцери, кои воведуваат поефективни методи на производство и во пракса го индустријализираат кокаиновиот бизнис. Притоа успеваат да ги намалат трошоците при производството, а паралелно и многукратно го зголемуваат обемот на внесениот кокаин во САД. Се разбира, тоа резултира со константно поевтинување на кокаинот.

Надолната траекторија на цената продолжува и низ 90-тите, макар со многу поблаго темпо. За тоа најверојатно допринесува мешаницата во нарко круговите. По убиството на Ескобар во 1993 година и по распадот на противничкиот наркокартел Кали, контролата врз трговијата со кокаин во Колумбија ја преземаат помали криминални групи, паравоени формации и бунтовнички групации како ФАРК.

Друг фактор е и нестабилноста на пазарот на наркотици во Мексико, каде некои картели, предводени од тој на Хоакин Гузмар „Ел Чапо“, меѓусебно се борат за и си ја оспоруваат контролата врз шверцерските канали низ 90-те и првите години на новиот век.

На крајот на 90-те, цената на кокаинот бележи извесно покачување, но тоа е проследено со нов пад – до 120 долари по грам на мало во 2006 година.

Имено, 2006-тата воедно претставува и почеток на нагорниот тренд на цената. Поскапувањето се совпаѓа со почетокот на кампањата за разбивање на наркотрговијата во Мексико, предводена од поранешниот претседател на земјата – Фелипе Калдерон.

„Тоа со сигурност ги зголеми трошоците на картелите и можеби ги отежни шверцерските достави на кокаин во САД“, коментира за Business Insider Том Вајнрајт – уредник на британски The Economist и автор на книгата Narconomics.

Насилството во земјата ескалира во 2009-2010 година, особено во Суидад Хуарес – град во регионот близу до границата со Тексас. Тој регион ќе претставува важен криумчарски коридор за наркотрафикантите.

Во тој период американските служби исто така ги зголемуваат напорите во борбата со наркотрговијата, што води до промени во тактиката на криумчарите, кои почнуваат повеќе да се потпираат на карибските канали. Таквата промена исто така веројатно води кон зголемување на цените.

Уште еден фактор кој треба да се земе во предвид е драстичното зголемување на побарувачката на кокаин во Европа во првите години на 21-от век, забележува Вајнрајт.

„Трговијата со кокаин е глобален бизнис, така што дополнителната побарувачка во Европа се одразува стимулативно и врз цените во САД“.

Цената на кокаинот ја достигнува својата највисока точка во новиот век токму во 2009 година, кога количини до 10 грама се продаваат за околу 190 долари по грам.

Во последните години Колумбија одново стана најголемиот производител на кока во светот, откако производството на растението во земјата значително се зголеми. Сé уште не е јасно каков е ефектот од тоа зголемување врз цените во САД.