Како теретаните полека стануваат минато


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Џенифер се буди со помош на својот аларм, погледнува во часовникот и се спрема за работа- ќе прави низа на вежби во комфорот на својот дом.

Таа е млада мајка која работи од дома, а фитнесот и е огромна страст. За воља на вистината, Џенифер изгледа подобро отколку многумина кои плаќаат членство во разни теретани и фитнес центри, и се радува што може да вежба во својот дом.

Таа е претплатник на Daily Burn, веб сервис кој нуди видео вежби, рецепти за здрава исхрана и фитнес програми. За цена од 12 долари, Џенифер има “личен тренер” во текот на целиот месец.

Но во потрагата по фитнес и комфор, таа не е сама. Милиони претплатници ја користат истата услуга.

Во Соединетите Американски Држави овој тренд се нарекува on-demand фитнес. Разни сервиси почнуваат со работа, нудејќи слични услуги. Обединети заедно, тие имаат повеќе од десетици милиони претплатници.

И кога на целиот овој достапен тренд ќе додадете комфор, сопствениците на фитнес центрите добиваат оправдана главоболка.

Но тие не се сами во својата грижа. Многу од веб магазините кои досега ја задоволуваа оваа публика (луѓе кои сакаат да слабеат, но не посетуваат фитнес центри), сега имаат се помалку посети. Апликациите се новиот тренд и компаниите како Daily Burn, Freeletics и Beachbody го знаат тоа. Огромни пишани водичи и текстови за губење маснотии кои претходно носеле десетици илјади посети месечно, сега се отидени во заборав.

Зашто сопствениците на теретани и фитнес центри се загрижени?

Одењето во фитнес центар, особено во урбани подрачја и големи градови, подразбира половина час возење во еден правец. Додајте на сето ова страв од евентуално јавно посрамотување, незнаење што да се прави во теретана, и постојани гужви, и многу луѓе веднаш се откажуваат.

Овие сервиси нудат нешто сосема поинакво…

За мала цена претплатникот добива цел план за тоа како да му пристапи на фитнесот, вклучувајќи чекор-по-чекор инструкции за секој аспект од програмата. Еден ваков програм, кој веќе успешно функционира 5 последователни години, е Beachbody on Demand. Создаден од компанијата која ги промовира познатите P90X, Insanity и Focus T25, Beachbody on Demand, е огромна библиотека на фитнес вежби и нутриционистички програми.

Здрави рецепти, мерки и календари со изготвени програми… Овие сервиси нудат и високо квалитетни видео вежби изработени од познати тренери, кои се фокусираат на разни делови од телото, и помагаат во исполнување на одредени цели.

Губење килограми, затегнување на стомакот, зголемување на сила, издржливост, флексибилност… Нема нешто кое не е покриено.

Цените се неколкупати пониски од оние во фитнес центрите, должејќи се на фактот дека продавањето на дигитални добра тоа може да го издржи.

Се очекува тие и дополнително да се намалуваат.

Како овој фитнес тренд започна?

Моделот кој сите овие сервиси го користат се нарекува SaaS (software as a service), што во превод би значело софтвер како услуга. Своите зачетоци ги има пред десетина години, кога разни компании нудат софтвер, воглавно на фирми, за кој наплаќаат месечна членарина.

Самиот модел е примамлив за инвеститори бидејќи генерира постојан месечен профит од секој корисник. Цената за пронаоѓање на нови корисници е еднократна, а заработката може да трае и со години.

Па така, еден сличен ваков сервис со преку 12 милиони корисници, нуди водечка медитација за слична цена за која фитнес сервисите нудат комплетни фитнес решенија.

Headspace е основан од Енди, поранешен Тибетски калуѓер, кој заедно со својот бизнис партнер ја носи медитацијата на западот, во една поинаква и практична форма користејќи го SaaS моделот.

Фитнес сервисите, верувале или не, се разликуваат од неговиот бизнис во ситни детали.

Дури и компании како Најк, кои се трудат преку прикажување на здравиот животен стил да стигнат до повеќе лојални корисници, нудат слични апликации, бесплатно.

Но она што можеби највеќе допринесе за развојот на овој модел, се честите практики во индустријата, како што се нудење 1 месец бесплатно тест членство – на милиони луѓе одеднаш. Ова теретаните не можат да си го дозволат, па така продавајќи дигитални добра компаниите како Daily Burn многу брзо се шират.

Што се очекува во иднина?

Насоката е доволно јасна. Фитнесот, како и секоја друга услуга цели кон поголем комфор, поголема достапност и пониска цена. Сето ова е можно само со дигитализирање на фитнес програмите.

Брзиот развој (неколку милиони корисници од година во година), е доволен да ги загрижи сопствениците на фитнес центри низ развиениот свет, а особено западните Евроатлански држави.

Во комбинација со wearable технологијата (нараквици и смарт часовници), овие апликации ќе ја направат првата поголема револуција во фитнесот после отварањето на огромните ланци на теретани во Америка.

Трендот е кон персонализирање, достапност, интеграција и синхронизација со паметните направи.

Кина, на пример, која штотуку влегува во фитнес манијата, сеуште не знае за овој тренд. Ќе биде интересно да се види каков ефект ќе има целата on-demand индустрија врз една фитнес гранка која се гради скоро од нула.

Она што исто така е интересно, е симбиозата на новите трендови.

Па така, вештачката интелигенција, преточена низ низа алгоритми, полека влегува како дел од овој тренд, и нуди нови и интересни подобрувања во услугата.

Еден мал стартап, наречен Fitness Updated, користи алгоритми за да утврди која фитнес програма највеќе му прилега на корисникот. Потоа, со помош на истите алгоритми, програмата се менува во релано време (од ден на ден) доколку корисникот не е потполно задоволен.

Вградени известувања, гемификација, паметни алгоритми… сето ова е само дел од развојот на оваа индустрија која по сите мерила е едвај на својот зачеток.

Ќе биде интересно да се набљудува развојот на една ваква гранка, и влијанието која таа ќе го има врз веќе етаблираната фитнес индустрија.