Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Денес и официјално банкротираше и веднаш престана со работа најстарата туристичка компанија во светот, „Томас Кук“. Поради оваа ситуација, 600.000 патници останаа заглавени на аеродромите и во хотелите ширум цел свет.
Многумина се прашуваат точно какви деловни потези ја доведоа до крај и пропаст толку моќната компанија која успеа да преживее две светски војни.
„Томас Кук“ беше една од најстарите светски туристички компании, а управуваше хотели, одморалишта и аеродроми кои услужуваа 19 милиони луѓе на годишно ниво. Функционирањето на оваа компанија започна во 1841 година, со организирање на локални излети и таа била зачетник на туристичките пакет-аранжмани и масовниот туризам.
Како што пишува на интернет страната од групацијата „Thomas Cook“, под хотелиерскиот сектор на компанијата се наоѓаа 200 хотели лоцирани на 47 дестинации на сите страни од светот. Со повеќе од 38.000 соби и 9,2 милиони ноќевања, компанијата се вбројуваше меѓу 40 најбројни хотелски компании во светски рамки.
Тажен крај на британскиот туристички гигант
Питер Фанкхаузер, извршен директор на компанијата „Томас Кук“, изјави дека пропаѓањето на компанијата е „тажен настан“ и дека таа престанала да работи откако не успеала да постигне договор со доверителите во тешки преговори преку викендот. Тој им се извини и на патниците и на вработените. Имено поради прекинувањето со работата во прашање се доведени 22.000 работни места во светот, меѓу кои 9.000 во Велика Британија.
Компанијата управувала со хотели, одморалишта и авиони кои угостувале 19 милиони луѓе годишно во 16 земји. Во моментов има 600.000 туристи, претежно од Германија, Велика Британија и Скандинавија, ширум светот, што ја принуди британската влада и осигурителните компании да координираат операција од големи размери за згрижување на клиентите на компанијата.
ЦАА објави дека „Томас Кук“ престана да работи и дека властите подготвуваат авиони кои ќе започнат со враќање на повеќе од 150.000 британски туристи во Велика Британија во текот на следните две недели.
„Би сакал да им се извинам на милиони наши клиенти и илјадници вработени, добавувачи и партнери кои нè поддржуваа со години“, рече Фанкхаузер во изјавата од утрово.
Патници и туристи заглавени на сите страни од светот
На социјалните мрежи се појавија фотографии од напуштените авиони на „Томас Кук“, коишто се отстранети од своите позиции на аеродромите и вработени кои ги напуштаат.
Сите летови на компанијата се откажани, а патниците се упатени да не доаѓаат на аеродромите, туку да побараат информации за организирано враќање на веб-страницата на компанијата.
Британските власти ги контактираат и хотелите во кои се сместени гости на „Томас Кук“ за да ги известат дека трошоците ќе ги сноси британската влада преку осигурителните компании. Ова се случи откако во хотел во Тунис гостите биле задржани додека не се реши проблемот со плаќање на нивното сместување.
Колапсот на туристичкиот гигант би можел да предизвика сцени на хаос низ целиот свет, пренесува Ројтерс, истакнувајќи дека туристите сега се наоѓаат во хотели во неплатени простории и во оддалечени дестинации како Гоа, Гамбија или Грција.
„Томас Кук“ пропадна под товар на долгови од 1,7 милијарди фунти, конкуренцијата на онлајн туристичките услуги, промената на туристичкиот пазар на кому не успеа да му се прилагоди и геополитички настани. Минатата година, топлотниот бран во Европа создаде загуби како резултат на откажувањето на патниците од резервациите.
Компанијата во август постигна договор со кинескиот акционер Фосун Туризам и група на банки и сопственици на обврзници во финансиска инјекција „тешка“ 900 милиони фунти. За возврат, кинеската компанија требало да стане сопственик на најмалку 75 проценти удел во туристичкиот бизнис на „Томас Кук“ и 25 проценти удел во авиокомпанијата.
Останатите удели требало да им припаднат на заемодавателите и сопствениците на обврзниците.
Компанијата во последен час била соочена со нови барања да најде дополнителни 200 милиони фунти за да постигне договор со заемодавците за докапитализација, што требало да ѝ помогне да го намали својот долг и да го преброди зимскиот период на слаба побарувачка за патувања.
Повеќе причини и фактори за колапсот на „Томас Кук“
Повеќе фактори се причини за финансискиот колапс на компанијата. Под товар од 1,7 милијарди фунти, конкуренција од онлајн туристички услуги, изменет туристички пазар на кој не се прилагоди и геополитичките случувања – сето ова резултираше со ненадминлив крах и пропаѓање на туристичкиот гигант.
Проблем направи и необично жешкото минатогодишно лето и последичниот значаен пад на резервациите „во последна минута“.
Огромни проблеми за „Томас Кук“ стигнаа после бурните години. Од мај 2018 година акциите на компанијата паднаа за повеќе од 96% после економската нестабилност предизвикана од Брегзит и интензивната конкуренција во туристичкиот сектор.