Како контрамерка на нашата, Русија протера македонски дипломат


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Еден вработен во Амбасадата на Македонија во Москва беше прогласен за „персона нон грата“ од страна на Русија како одговор за протерувањето на руски дипломат од земјава, соопштило руското Министерство за надворешни работи, пренесува новинската агенција „Риа Новости“.

„Вршителот на должност амбасадор на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Чаушевска-Димовска, беше повикана во руското Министерство за надворешни работи на 10 јуни, каде што ѝ беше врачена нота со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за персона нон грата“, пишува во соопштението на руското МНР кое го пренесуваат руските медиуми.

Во соопштението се објаснува и дека ваквата мерка е одговор на немотивираната одлука на Северна Македонија да прогласи руски дипломат за персона нон грата.

Рускиот дипломат од земјава беше протеран на 14 мај, кога амбасадорот на Русија во Скопје, Сергеј Александровиќ Баздикин, беше повикан во МНР за да му се соопшти одлуката. Тогаш му дадоа рок од седум дена да ја напушти земјава. Како причина за протерување на дипломатот беа посочени активности што не се во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат што служи во земјата домаќин.

Претседателот Стево Пендаровски тогаш изјави дека случајот е документиран и од тоа што го видел, како што посочи, не станува збор за импровизација.