Како до стабилен и контролиран крвен притисок


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Половина од средовечните луѓе имаат висок крвен притисок, иако многумина често не се ни свесни за тоа. Затоа не е чудо што оваа медицинска состојба е позната и како „тивок убиец“.

Ако хипертензијата не се лечи, се зголемува ризикот од потенцијално фатални срцеви и мозочни удари. Исто така, може да предизвика и сериозно оштетување на бубрезите. Како што објаснуваат експертите, високиот крвен притисок врши дополнителен притисок врз срцето. По извршените лекарски прегледи и анализи, состојбата може да се држи под контрола со лекови. Како што нагласуваат лекарите, неопходно е да се променат животните навики.

Група лекари за хипертензија од 18 различни земји во светот составија листа на едноставни начини за намалување на крвниот притисок, а за нив пишуваше британски Сан.

– Сите треба да најдеме половина час дневно за себе и едноставно да се опуштиме. Тоа може да биде слушање музика, шетање, вежбање – истакнале експертите кои учествувале во истражувањето.

Еве како најлесно да го намалите крвниот притисок според советите на лекарите:

1. Намалете го нивото на стрес

Стресот сам по себе нема да предизвика срцеви заболувања и проблеми со циркулацијата. Меѓутоа, тој е тесно поврзан со нездравите навики како што се консумирањето алкохол, пушењето, недостатокот на сон и прејадувањето кои можат да го зголемат ризикот од разни срцеви заболувања. Експертите препорачуваат да се обидете да го намалите нивото на стрес со слушање музика за смирување и медитација.

2. Не излегувајте кога воздухот е загаден

Загадувањето на воздухот е тесно поврзано со зголемениот крвен притисок, дури и кај тинејџерите. Неколку студии покажаа дека нездравиот воздух ги оштетува крвните садови, правејќи ги потесни и потврди. Ова го зголемува крвниот притисок бидејќи срцето побрзо „пумпа“ за правилно да циркулира крвта. Кога нивото на загадување е високо, луѓето треба да избегнуваат паркови и отворени простори, и прометни патишта.

3. Не седете премногу долго

Прекумерното седење го зголемува крвниот притисок од две причини. Прво, седењето подолг временски период може да го забави вашиот метаболизам, поттикнувајќи го зголемувањето на телесната тежина. Дебелината може да ја зголеми отпорноста на крвните садови. Сето ова го отежнува слободниот проток на крвта, што доведува до повисок крвен притисок. Истражувањата исто така покажаа дека кога седите, крвниот притисок е генерално повисок отколку кога стоите. Кога седењето подолго време станува вообичаено, ризикот од хипертензија се зголемува.

Според препораката на стручните лица, за да го држите крвниот притисок под контрола, пијте сок од хибискус, калинка и цвекло. Јадете повеќе храна богата со калиум, како што се бананите. Зголемете го внесот на зеленчук, свежо овошје, риба, јаткасти плодови, незаситени масни киселини, млечни производи со ниска маленост, јадете повеќе билна храна и помалку црвено месо. Исто така, спијте најмалку седум часа во текот на ноќта.

Како што нагласија лекарите, не правете ништо без да се консултирате со вашиот кардиолог. Доколку имате хипертензија, лековите се тие што го држат притисокот под контрола, а горенаведените совети се само дополнителна помош, а не начин на лекување.