
Не секој ќе има среќа неговото куче и маче веднаш да се засакаат, да јадат заедно, да спијат еден до друг, да се играат… Некому ќе му треба време и посветеност да стигне до оваа хармонија.
Најпрвин, поставете си ги овие прашања и искрено одговорете:
- Дали навистина ви е важно да живеат заедно и куче и маче во истиот дом?
- Дали сте личност што е подготвена целосно да се посвети на ова?
- Дали имате истрајност да не откажете по неколку пречи?
- Дали сте подготвени да вложите труд без моментални резултати?
- Дали имате целосна поддршка од сите дома?
Потребно е време кучето и мачето да сфатат дека делат ист простор. Затоа, на почеток, сместете ги во посебни простории. Добро е тие простории да бидат една до друга, за да можат да се намирисаат низ просторчето под вратата.
На почетокот, мачето сигурно ќе се држи подалеку од вратата каде е кучето. Од другата страна, многу кучиња ќе почнат да копаат, лаат или скокаат за да стигнат до мачето. Научете го вашето куче да стои мирно и без врева пред вратата. Секое друго однесување коригирајте со „НЕ“ и тргнете го од вратата.
Ако кучето и мачето мирисаат исто, побрзо ќе ги прифатат едно друго како членови на иста „група“. Може да искористите крема за раце со екстракт од ванила. Ставете малку на нивните муцки, зад ушите и околу опашката, за мирисот да се рашири.
Кога ќе видите дека кучето веќе не е напнато и покажува љубопитност (на пример, весело мавтање со опашка, тивко цвилење пред вратата), тогаш можете да започнете со заедничко хранење – едно и друго до вратата, одделени. Нека јадат во исто време, но сè уште одвоени.
Кога ќе изедат неколку оброци блиску едно до друго, преминете на следен чекор. Целта е кучето да стане речиси незаинтересирано за мачката. Повеќето кучиња не сакаат да повредат мачки, ама нивната големина, покажување заби (и кога се среќни и кога се лути), како и лаењето, лесно го активираат инстинктот на мачката за бегство.
Сè што е со крзно, пердуви или бргу се движи, кај кучињата често активира инстинкт за плен. Затоа, учете го вашето куче дека мачката не е за лов. Во овој чекор ќе ви треба поводник.
Ставете го кучето во седната или лежечка положба, насочено кон вас, и пуштете ја мачката од собата. Секое вртење на главата кон мачката коригирајте го со „НЕ“. Милувајте го, зборувајте му нежно, но не дозволувајте навестување за скокање или лаење. Ако продолжи таквото однесување, стопирајте го тренингот и вратете се еден чекор назад.
Кога ќе видите дека е мирно и само се врти со глава кон мачката, попуштете го поводникот и дозволете му да ја погледне. Во цело тоа време, зборувајте му дека е добар, дека го сакате и дека тоа е неговата мачка. Следете го внимателно и обидете се да го предвидите моментот кога сака да скокне. Веднаш повлечете го поводникот наназад и кажете „НЕ“.
Ако веќе направи чекор-два кон мачката, го погрешивте моментот и треба да се вратите назад еден чекор. Овој тренинг можете да го вежбате и надвор, кога ќе видите други мачки. Кога ќе видите дека вашето куче мирно ја набљудува мачката, или уште подобро – мавта со опашката и покажува желба за игра (на пример, го спушта телото, а опашката му стои високо), тогаш сте подготвени за следниот чекор.
Една од работите што речиси ниедно куче не ја сака е – некој друг да јаде од неговото чиниче. Затоа ќе направиме токму тоа: ќе ја пуштите мачката да јаде од чинијата на вашето куче – пред него. Направете сè исто како во претходниот чекор, само што овој пат во чинијата на кучето ставете многу вкусна и мирислива храна (постојат специјални преливи за мачки и кучиња кои можат да помогнат многу тука).
И натаму спречувајте кучето да скока или да покажува агресија кон мачката. Кога ќе бидете сигурни дека му е важна повеќе храната отколку мачето, пуштете го – без да го пуштите поводникот! – да се доближи и да почне да јаде од чинијата.
Колку повеќе време минува, толку повеќе вашето куче и маче ќе се зближат. Ќе спијат заедно, ќе се играат, ќе јадат едно покрај друго… Но добро би било мачката да има свој мирен агол – ормар, кутија или простор зад некој мебел каде што кучето нема пристап. Дури и кога ќе го засака, таа пак ќе има потреба од свој мир.
Нема гаранции – некои кучиња и мачки никогаш не стануваат пријатели. Но вреди да се обидете. Дури и ако вашето куче дома спие со мачки, тоа нема да ја спречи инстинктивната реакција да трча кон мачки на улица – затоа што тие не се негово „семејство“.
Но, ако успеете – секунда од трудот ќе ви се исплати. И тоа со камата.