Како да (не)гласаме на референдумот (Трет дел)


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Влезот на Македонија во НАТО и ЕУ е стратегиска определба на државата од нејзиното осамостојување до денес. Според анкетите, голем број Македонци и останати граѓани на Македонија се за влез на нашата држава во овие меѓународни организации, но уште поголем е бројот на оние кои се против промената на името заради остварување на оваа цел. Не е занемарлив бројот и на оние кои се против каков било влез на Македонија во НАТО и/или ЕУ. Сите ние, независно во која група спаѓаме имаме апсолутно право да го изразиме, браниме, но и менуваме својот својот став, доколку утврдиме поинаку.

Тоа е неотуѓиво демократско право загарантирано во цивилизираниот свет. Но исто така неотуѓиви демократски и човечки права загарантирани во цивилизираниот свет вклучувајќи ги НАТО и ЕУ како меѓународни организации и поголемиот дел од нивните земји-членки треба да бидат правата на самоопределување, самоидентификување, фундаментални слободи и дигнитет, немешање во внатрешните работи, неотуѓивост и владеење на правото. Она што е заеднички именител и на приврзаниците и на противниците на овие две организации во нашата земја е желбата за почитување на достоинството, интегритетот и суверенитетот на Македонија и Македонците.

Пред да ги направиме следните чекори мораме да земеме предвид дека откако прв пат ја артикулиравме нашата желба за членство во НАТО и ЕУ, овие организации многу се променија и околностите сега и тогаш се многу поразлични. Во меѓувреме светот стана мултиполарен, а државите повеќе не се поделени во цврсти антагонистички блокови туку се борат да влезат во математички кажано што повеќе пресеци на множества заради остварување на нивните национални интереси. Денес, не е никакво изненадување или преседан кога Германија, Унгарија, Грција, Бугарија (членки на НАТО и ЕУ) соработуваат со Русија и Кина на енергетски, економски и инфраструктурен план, кога Турција (членка на НАТО) соработува со Русија на воен план, кога ЕУ или Канада (членка на НАТО) го поддржуваат ставот на Кина во „трговската војна“ со нивниот „сојузник“ САД и цела низа на слични примери.


Последните самити на НАТО покажаа големи несогласувања помеѓу земјите-членки за идната стратегија на Сојузот во поглед на односот кон „трети земји“, проширувањето и „мигрантскиот бран“. Посебно актуелна тема се издатоците за одбраната кои треба да изнесуваат 2% од БДП (на последниот Самит беа спомнати 4%). За Македонија тоа би значело издатоци од најмалку 180 милиони евра (или 80 милиони евра повеќе од сега), доколку се остане на условот од 2% или најмалку 360 милиони евра (или 260 милиони повеќе од сега) доколку се инсистира на условот од 4% за вооружување и тоа со единствена цел – одбрана од непознат агресор вон НАТО пактот.

Ситуацијата со ЕУ е уште подраматична. Брегзит, двете брзини на Европа, заморот од проширувањето, поделбата на демократии и автократии, евроскептицизмот, подемот на националните држави наспроти евробирократизмот, економската состојба, мигрантската политика се само дел од проблемите за кои во ЕУ постојат огромни несогласувања. За очекување е дека на среден рок нема да постои расположение за прием на нови земји во Унијата барем до решавање на дел од овие горливи внатрешни проблеми.


Приврзаниците на договорот за промена на името тврдат дека со нашето членство во ЕУ дополнително ќе се отворат европските фондови за нашата држава. Но, прашање е колку од тие фондови кои внимавајте – не се наменети за плати и пензии и не се делат во вреќи како што постои одредена перцепција, реално ќе завршат во државата и кај граѓаните? На пример; што досега нè спречуваше и оние европски фондови што во моментов ѝ се ставени на располагање на Македонија да бидат искористени повеќе од 30% како што е тоа случај во моментов? Името или нешто друго…? Ако ние сами не собереме сила да се бориме за подобар живот, право и правда, општество без криминал и корупција, ниту една меѓународна организација и ниту сите пари на светот тоа нема да ни го овозможат. Без внатрешни реформи членството во ЕУ и НАТО е само форма и нема да ги одврати луѓето да продолжат да ја напуштаат Македонија во потрага по подобар живот. Еве и еден податок: според истражувањата на Henrekson et. al 2008, членството во ЕУ на новите-земји членки од 2004 година им овозможува дополнителен годишен пораст на БДП од 0,8%. Што овие 0,8% би ни значеле нам ако нашата економија и понатаму продолжи да расте со исклучително ниски стапки на раст како што е тоа случај во последниов период?


Сега доаѓаме до клучната дилема: Дали со промената на името ќе бидеме побогати?

Богатството и сиромаштијата ги има во сите земји во светот. Ги има и во земјите-членки на ЕУ и НАТО, секако ги има и во земјите вон нив. Богатството или сиромаштијата се релативни и зависат пред сè од личната перцепција и состојбата на духот кај поединците или историските процеси и државното уредување кај општествата. Меѓутоа, философски, теолошки, математички и економски општоприфатена аксиома е дека богатството се стекнува на три начини: со љубов и почит, со образование и со труд.

Љубовта и почитта се клучни за духовно богатство, а тоа е предуслов за материјално богатство како на поединците така и општествата. Љубовта кон семејството, роднините, пријателите, соседите, татковината како и почитта кон средината, околината, јавното добро, приватната сопственост, различностите, уставот и законите, односно воспитувањето, толеранцијата, хуманоста, личниот интегритет, моралот и етиката создаваат здрав амбиент за предвидливо однесување и напредок. Тоа е основа за изградба на стабилно и безбедно место за живеење. Повеќе европски, но и многу светски нации со внатрешен консензус одамна достигнале високо ниво на овие вредности не чекајќи друг да го направи тоа за нив или да им биде донесено од некакви интеграции. За да им се приклучиме и ние, не ни е потребна промена на нашето име туку промена на односот кон самите себе си и кон нашите сонародници, т.е. редефинирање на општествените вредности.


За значењето на образованието не треба посебно да се елаборира. Доживотното учење, постојаното читање, унапредувањето на знаењата и вештините овозможуваат поквалитетно извршување на работните обврски, а со тоа отворање на повеќе алтернативи за вработување и опции за поплатени работни места. Тоа во перспектива носи „магичен круг“ на подобри образовни институции кои ќе произведат подобри лекари, инженери, економисти, правници, земјоделци, занаетчии, со еден збор поквалитетни работници кои ќе заработуваат повеќе и ќе придонесуваат повеќе за себе и за државата. За да го постигнеме ова, не ни е потребна промена на нашето име туку целосна внатрешна реформа на образованието и воспитанието.

Трудот е единица мерка за работа, а постојаниот труд е единица мерка за неуморна, напорна работа и професионализам. Да се биде вреден и почитуван работник е едно од највисоките достигнувања на човечкото битие. Култот кон работата, но и постојаната борба за работнички права ги направиле богатите земји – материјално богати. Трудот претставува излез од „комфорната зона“, напуштање на status quo, борба за лична и општествена продуктивност, ефикасност и конкурентност. Тоа е патот кон подобро и побогато општество, а не промена на името! Бајките за Елдорадо, Шангри-Ла, Агарта и други ветени земји во кои само треба да влеземе и ќе бидеме богати се само тоа…бајки, а во нив сè помалку верува и мојот 4-годишен син.

Формулата за успех, напредок и богатство е многу едноставна: да сакаме, да почитуваме, да учиме и да работиме! Кога еднаш ќе ја примениме оваа формула, за многу кратко време ќе дојдат слободниот пазар, владеењето на правото, искоренувањето на криминалот, митото и корупцијата. Тогаш капиталот сам ќе дојде и ќе го зголеми богатството на сите нас, не прашувајќи дали нашата земја е членка на оваа или онаа организација. Здравиот дух на нацијата и приливот на капитал ќе го зголеми квалитетот на животот, а квалитетот многу повеќе носи интеграција, отколку што интеграцијата носи квалитет. Земјите кои имаат високо-квалитетен живот имаат и отворена покана за евроатланска интеграција без никаков дополнителен услов, а уште помалку барање за некаква си промена на името: Исланд, Норвешка, Швајцарија, Андора, Лихтенштајн, Сан Марино, Монако се со отворена покана за членство во ЕУ и Швајцарија, Австрија, Ирска, Шведска, Финска, Малта се со отворена покана за членство во НАТО.


Почитувани читатели, ова е последен дел од трилогијата посветена на договорот за промена на името. Во деновиве пред неминовниот референдум апелирам сите внимателно да го прочитаме договорот и да размислиме што добиваме, а што губиме со него. Да размислиме дали е потребна жртвата што треба да ја поднесеме наспроти празните ветувања и хипотези. Да се запрашаме што од досега ветеното од т.н. меѓународна заедница, но и од домашните политичари беше исполнето во изминативе 27 години кога од нас се бараше и се доби: прифаќање на референцата, промена на знамето, прифаќање на резултатите од разноразните благо кажано „спорни“ избори, прифаќање на бегалците од балканските војни, транзитирањето на странски воени сили за интервенции во трети земји, постојаните промени на Уставот под притисок на разни надворешни и внатрешни субјекти итн? Да се запрашаме дали со промената на името нема наскоро да дојдат барања и за други отстапки? Дали вистинските пријатели се закануваат доколку не се реализира ова или она сценарио? Да се запрашаме дали името ни е виновно за нашата материјална и духовна беда, за криминалот, митото и корупцијата, за лошиот политички систем и уште полошите политичари, за невладеењето на правото и правната држава, за небезбедноста, за нефункционирањето на целокупната хиерархија на општественото живеење – централната власт, локалната самоуправа, месните заедници, куќните совети, семејствата…? Дали името ни е виновно за лошото здравство, образование, меѓунационални односи, сивата економија, нечистотијата, иселувањето…?

Почитувани сонародници и сограѓани! Една стара еврејска мудрост вели: „Ако купуваш куќа, прашај го продавачот дали му е наследство од предците или ја градел сам. Ако му е наследство, купи ја затоа што ќе купиш куќа која ќе ја продаде ефтино, а ако ја градел сам, не купувај ја затоа што цената ќе биде висока…тоа е цената на неговиот дом!“ Ние ја добивме нашата држава и нашето име од нашите предци, но тоа не значи дека треба да ја продадеме ефтино. Напротив, треба да ги засукаме ракавите и да ја изградиме во модерна и здрава држава, така силна што таа и нејзиното име ќе бидат бесценети и никој не ќе може да ги купи. Да бидеме херои на нашето време и за нашите деца. Тоа е патот за европска и слободна Македонија, а не промена на името!

Во спротивно, колку ли само бедно и трагикомично ќе изгледаме кога секогаш, во секоја прилика, јавна или приватна, во медиуми, на спортски натпревари, на училиште, факултет, дома или во странство, во официјални или во неофицијални прилики, пред блиските и подалечните луѓе ќе ни доаѓа да го кажеме „она на М“, а ќе мораме да го кажуваме она другото…?

Пишува: д-р Горан Ковачев

Прочитајте повеќе:

17 ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ ВО ВРСКА СО ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО (Прв дел)
Кoј добива, а кој губи со договорот за името? (Втор дел)