Актуелно

„Кај и да си , пред Божиќ, за Божиќ дома да си“: Христос се роди – навистина се роди


Денеска е голем ден за сите православни христијани. Се празнува Божик, кој се смета за еден од најголемите христијански празници зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен-темелник, за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.

Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање, а како што појаснува фолклористот проф.д-р Марко Китевски тоа значи дека немало да го има празникот Водици, немало да има ниту Распетие и Воскресение -Велигден ниту Вознесение Спасовден, немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден итн.

Денес, македонскиот народ со многу внимание го празнува Божик, денот на Христовото раѓање. Обичаите што денес се изведуваат се остатоци од минатото, но поголемиот број од нив се исчезнати, а ние денес за нив дознаваме од записите на собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали како што се браќата Миладиновци, К. Шапкарев, Е. Спространов, В. Икономов, М. Цепенков и многу други.

Обичаите и песните што се изведуваат и пеат на Божик, всушност, претставуваат продолжение на претходните обичаи и песни поврзани со Бадник. И овие песни ги имаат сите одлики на коледарските песни, радост поради повторното раѓање на Сонцето, желба за плодна година. Сепак, во однос на претходните коледарски песни, особено оние што се пеат покрај коледарскиот оган и во кои доминираат еротски содржини, во песните што се пеат на Божик има повеќе елементи од Христијанската религија.

Она за што сведочат евангелските текстови во врска со раѓањето на Исус Христос го опева и народната песна. За народниот пејач раѓањето на Исус е проследено со вечна светлина со константен интензитет, оган кој ниту ветерот го сили ниту дождот го гасне.

Раѓањето на Исус Христос нашло место и во повеќе други верувања и преданија, а некои истражувачи веруваат дека оттогаш останало коледето, децата да одат по куќите и да го соопштуваат раѓањето на Богомладенецот Исус Христос.

Интересни обичаи поврзани со овој празник сè уште се изведуваат во Западна Македонија, поточно во селото Битуше. Денот пред Бадник се вика Кршенделија и тогаш при ставање на софрата се става и каленик (чинија) со ореви. Секој зема по неколку и ги крши при што се верува дека ако тие се здрави, односно со бели и големи јатки и годината ќе биде плодна, односно семејството ќе има напредок. На Бадник, рано наутро, децата оделе во гората да соберат бодници (бадници). Тоа се дабови гранки коишто потоа стоеле покрај домашната икона односно покрај иконата на светецот заштитник. Вечерта кога ќе седнеле на вечера сите се фаќале за бадниците, при што едно бадниково гранче фрлале во разгорениот оган. Верувајќи дека оваа ноќ може да биде опасна поради негативните демони, луѓето ги затворале портите верувајќи дека со тоа им го зџатвораат и простапот на нечистите сили. Тоа трело до пеењето на првите петли кога сите станувале и се подготвувале за одење „в црков”.

Китески запишал дека со Божик е поврзан и обредот Вертеп, религиозен театар што е познат кај повеќе народи, а кај нас најдолго се задржал во Охрид. Овој подвижен театар поврзан со Рождеството Христово го играле групи од по десетина деца. Две од нив биле статисти што го носеле Вертепот. Вертепот, пак, било едно сандаче што ја претставувало пештерата во која е роден Исус. Тоа сандаче било покриено со хартија во боја, од едната страна било отворено, внатре било украсено, имало и слама и лелејка, имало направено ликови како Пресвета Богородица, свети Јован Крстител, овци, овчари, поклоници итн. Меѓу артистите имало и тројца цареви (Ирод, Валтезар и Гашпар) кои говореле одредени текстови претходно научени. Ако во постарите времиња Вертепот бил статички црковен театар што се изведувал во црквите пред верниците, подоцна тој се изведувал по домовите, кафаните и други места каде што во тоа време, односно, околу Божик, се собирал народот. Вертепот се ставал на маса или друго поиздигнато место за да го гледаат сите. Најпрвин се испевал тропарот „Родество твоје”, а потоа се изведувала драмата. Потоа присутните го дарувале со пари или плодови. И во домовите се изведувала истата драма со постојани монолози и дијалози особено на тројцата цареви, потоа овчарот и другите учесници во обредот. Честопати меѓу вертепчиите настанувале жестоки тепачки, поради што се внимавало тие да не се сретнат. Во Охрид е забележан и малку поинаков обред наречен „Со ѕвезда”, кога ѕвезда направена од картон и украсена се ставала на долг стап или се носела во сито каде што имало и икона со Христосовото раѓање итн.

Сличен обред на овој се изведувал и во Струга. Имено, нешто по полноќ на Бадник, до разденување на Божик, групи момчиња изведуваат обред наречен „Ѕвездата Дева”. Тие на овој начин ја соопштувале радосната вест за раѓањето Христово. Обредот го изведувале во куќи каде што имало девојки, приредувајќи на тој начин серенади. Најпрвин правеле куќичка од штици и картони. Во куќичката (кутија) е прикажан амбиентот на пештерата во која е роден Исус. Тука задолжително имало икона со Христовото раѓање и запалена свеќа. Кутијата се поставувала на две долги летви и ја носеле двајца од дружината. Другите со музички инструменти оделе пред куќата на девојката. Тропале на вратата и го пееле тропарот „Рождество на нашиот Господ Исус Христос”. Серенадите со Ѕвездата Дева се сметале за чест на фамилијата што била удостоена ергените да и пеат на нивната девојка. По завршувањето на серенадата момчињата се почестувале со ракија, чај и др.

Очигледно обредот Вертеп содржи повеќе елементи на фолклорен театар со текст, лица, глума, облека, реквизити, публика итн.

Во народното верување со Божик започнува периодот од 12-те денови т.н. Некрстени или Погани, Караконџерови денови, а некои ги викаат и Ристосови денови, што траат до Водици, период исполнет со многу активности на негативните демони, со религиозен страв и разни магиски заштити. Според народното верување од Божик до Водици, кога Исус не бил крстен и Богородица била леунка, разни зли демони како вампири, караконџули, вештици и др. ги изведуваат своите оргии и се обидуваат да му напакостат на човекот. Дури на Водици кога се крштева водата се парализираат и нивните дејствија.

Со Божик е поврзана и пословицата: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината исполнет со снежни веавици, но и со други опасности, сепак, најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.

Коментари

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top