Каде е денес Тесла автомобилот кој Илон Маск пред 4 години го лансираше во вселената?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Пред четири години, милијардерот Илон Маск од Флорида на ракета во вселената лансираше тесла родстер. По успешното полетување некое време од автомобилот се емитуваше погледот од возилото.

Спортскиот автомобил сè уште се движи по вселенските пространства, по орбитална траекторија околу Сонцето. Понекогаш е оддалечен од нашата ѕвезда речиси колку Марс, а понекогаш слично како Земјата.

Нормално, Маск не го испрати автомобилот во вселената во рамки на научно истражување, туку како маркетиншки трик. Стануваше збор за тест лансирање и Спејсекс требаше во вселената да пренесе лажен товар. Бидејќи Маск претходно кажа дека сака тоа да биде „најглупавото нешто што можеме да го замислиме“, го избра својот скап тесла родстер.

Во понеделникот возилото се наоѓало околу 375 милиони километри од Земјата и околу 320 од Марс, минувајќи низ „ничија земја“, покажуваат податоците на страницата whereisroadster.com, која ги користи податоците на НАСА за следење на возилото.

„Родстерот е веројатно сè уште целосен, но можно е до сега да го исчукале некои метероиди“, кажа за Си-ен-ен астрономот Џонатан Мекдауел од опсерваторијата Харвард Смитсонијан центар за астрофизика.

Во текот на изминатите четири години родстерот мина три милијарди километри и направи 2,6 круга околу Сонцето, минувајќи главно низ празно подрачје на вселената, односно вакуум. Но понекогаш би требало да мине блиску до други небесни тела.

Во 2020 вселенската тесла за првпат се приближи до Марс, минувајќи на оддалеченост од осум милиони километри од планетата, односно на околу 20 пати поголема оддалеченост од таа меѓу Земјата и Месечината. Според податоците на НАСА, родстерот веројатно нема да помине блиску до друга планета до 2035 година, кога повторно ќе дојде блиску до Марс.

Потоа во 2047 и 2050 година двапати ќе се приближи до Земјата на оддалеченост од неколку милиони километри. Едно истражување проценило дека има 22 отсто шанси автомобилот да удри во Земјата во следните 15 милиони години. Шансите да удри во Венера или Сонцето се 12 отсто.

Ако навистина се случи родстерот да се упати точно кон нашата планета, веројатно ќе се распадне на парчиња при влегувањето во атмосферата. На Земјата често паѓаат разни вселенски објекти, но тие обично горат во атмосферата и ретко претставуваат опасност.

Конечната судбина на родстерот веројатно нема да се знае уште многу милиони години. Маск во 2018 година кажа дека се надева дека во иднината ќе се изградат населби на други планети во Сончевиот систем и дека „неговите потомци ќе го приберат автомобилот во музеј“.