Југословенскиот брод на духови: Напуштениот крстосувач 4 години скита по Атлантикот


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Откако во јануари 2013 година се „ослободи од ланците“ за време на патувањето кон отпадот, рускиот „крузер“ МВ Љубов Орлова, произведен во Југославија, скита како дух по водите на Атлантскиот океан.

Големиот брод за патнички крстарења околу Антарктикот и Арктикот, изграден е на „Титовото бродоградилиште“ во хрватскиот град Краљевица во 1976 година. Овој крузер од класата на Марија Јермолова, и засилен е за патувања по ледените мориња, па иако не е виден од февруари, 2016 година, се претпоставува дека уште нема потонато.

Љубов Орлова од употреба беше исфрлен во 2010 година и после две години поминати на пристаништето Сен Џон, кај Њуфаундленд, поради сè полошата состојба, беше одлучено бродот да биде префрлен на отпад во Доминиканската Република.

После само еден ден патување кон отпадот, кабелот за влечење пукна, а Љубов Орлова отплови во непознат правец. Поради ризикот за нафтените и гасни полиња во областа, канадската морнарица испрати брод да го пронајде југословенскиот крстосувач и да го одвлече до меѓународни води, каде на крајот повторно беше пуштен „на слобода“.

Иако долго се претпоставуваше дека е потонат, документите од американската разузнавачка служба, во кои увид имаше AFP, наведуваат дека бродот неодамна бил забележан недалеку од брегот на Ирска и дека плови во правец на Европа.

Со оглед на струите и движењата на ветровите, малку е веројатно дека Љубов Орлова повторно ќе заврши под канадска јурисдикција. Експертите проценуваат дека најверојатно ќе заврши во близина на Западна Африка или норвешкиот Арктик.