Актуелно

Јубилеј на ЗНМ во грда атмосфера: Наместо роденденска прослава, новинарски штрајк

На роденденот на Здружението на новинарите на Македонија, новинарите во весниците Дневник, Утрински весник и Вест стапуваат во штрајк. Вработените под капата на компанијата МПМ бараат исплата на плати и хонорари и одговори од менаџментот за иднината на фирмата.

Ден на македонското новинарство

Точно пред 71 година во салата на Градскиот народен одбор во Скопје, новинарите од следниве скопски редакции: Нова Македонија, Трудбеник, Единство, Радио Скопје и дописништвото на агенцијата Танјуг го основаа првото здружение на новинарите во историјата на Македонија.За прв претседател едногласно беше избран Мито Хаџивасилев Јасмин, одговорен уредник на Нова Македонија.

Визијата на ЗНМ, оттогаш, па до денес е: Новинарите да работат во медиуми каде се обезбедени основните права и слободи, гарантирани  професионалните и материјалните услови за работа, постои висока солидарност меѓу нив во случаи на прекршување на слободата на изразување и се потврдени професионалните стандарди,  етика и интегритетот на новинарската професија.

Но, визијата на новинарите е попречена од мисијата на политичарите и бизнисмените.

Пред штрајкот смена во сопственичката структура

Непосредно пред почетокот на штрајкот, бизнесменот Јордан Камчев со фирма Орка холдинг и Јана Станисављева со фирмата Интернет Инвестмент Груп излегоа од сопствеништво на компанија Графички центар која пак го поседува МПМ. Сега сопственик на Графички центар е издаваштво Телеграф.

На Телеграф пак сопственик е Медиа принт Македонија. Од компанијата на Камчев, Орка холдинг, соопштија дека пред два месеца е донесена одлуката за истапување од сопственоста, но дека јануарската плата ќе им биде исплатена на вработените.

Сите обврски кои компанијата ги имаше кон вработените заклучно со 31.12.2016 година се подмирени. Во наредните денови ќе се подмират и обврските кон платите за месец јануари 2017 година, се наведува во соопштението на Орка холдинг испретено доцна вчера попладнево.

Весниците ќе се печатат, неизвесноста ќе продолжи

Штрајкот утре ќе трае четири часа, а од понеделник ќе се зголеми на шест часа. Весниците ќе излегуваат, но во кој формат ќе биде познато денеска. Дознаваме, дека речиси 90 проценти од новинарите застанале зад штрајкот. Освен неколкумина новинари и уредници кои одбиле да се потпишат на списокот на штрајкувачи.

Вработените бараа средба со менаџментот, но и покрај обидите за разговор, наидоа на ѕид од другата страна. Неизвесноста кај нив, по промената на сопственичката структура, сега е уште поголема, бидејќи не знаат дали весниците ќе се продаваат на друг газда или најлошата варијанта е да има нови откази или пак згаснување на дел од медиумите.

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top