Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Славниот холивудски актер и планетарно позната шоубизнис ѕвезда Ричард Бартон во своите дневници оставил нималку ласкави, па дури и навредливи спомени за југословенскиот претседател Јосип Броз Тито затоа што бил љубоморен на него, зашто неговата сопруга Елизабет Тејлор го симпатизирала, а на моменти отворено му се додворувала, тврди Јошка Броз, внук на Тито.
Ричард Бартон, кој го глумеше Тито во воениот југословенски филм „Битката на Сутјеска“, за што добил милион долари, го опишува своето дружење од август 1971 година со Тито и Јованка Броз во своите дневници кои неодамна ги издаде издавачката куќа „Јеил јуниверзити прес“.
Иако историјата зборува за Тито како за добар домаќин на светската политичка елита, но и на луѓе од шоу бизнисот, на Бартон Тито му се видел прилично здодевен и неупадлив. Од друга страна, како што и самиот наведува во дневникот, Елизабет Тејлор била фасцинирана од југословенскиот лидер.
– Нормално е еден човек чија жена пред него се додворува некому, да има лошо мислење за него. Елизабет Тејлор пред него му се додворувала на Тито, а кога Бартон почнал да ѝ се додворува на Јованка, веднаш бил такаречи избркан – вели Јошка Броз во разговор за српската ТВ Курир.
– Тој беше еден обичен пијаница. Тоа беше причина што Тито не му се допадна. Бартон е една обична будала што пишувала глупости. Што да кажам друго. Во последно време за Тито се пишува само лошо. Онаа серија за Јованка Броз не е за неа, туку против Тито. Зошто мене не ме повикаа да кажам нешто, мене кој со нив го поминав целиот работен век, а особено последните четири години – прашува внукот на Тито.
Ричард Бартон и Елизабет Тејлор биле во бурна врска исполнета со љубомора и скандали, кои будно биле следени од жолтиот печат. Токму поради таа љубомора Ричард Бартон секаде ја водел со себе својата убава сопруга, па така и на патувањето во Југославија.
Нивната врска почнала на снимањетона филмот „Клеопатра“, иако се познавале десетина години претходно, а Бартон повремено ѝ се додворувал, но неуспешно. Сепак, на снимањето на филмот „Клеопатра“, попуштила, откако на сцената морале да одглумат љубовен бакнеж. Сведоците велат дека меѓу нив избила страст како ерупција на вулкан, а режисерот Џозеф Манкевич залудно извикувал „сечи“ за крај на сцената, едноставно, тие продолжиле да се бакнуваат.
Потоа, нивната љубовна врска, исполнета со страст и изневерувања, како и со зависности од алкохол (кај него) и таблети (кај неа) ја фасцинирала тогашната публика која ги следела сите нивни ексцеси. Ричард Бартон и Елизабет Тејлор два пати се венчале и два пати се разведувале. Тејлор, пред да умре во 2011 година, побарала во нејзиниот гроб да ѝ се стави последното писмо што Бартон ѝ го напишал три дена пред својата смрт во 1984 година. Кога умрел Ричард Бартон тие веќе била разведени. Таа не отишла на неговиот погреб на барање на неговата вдовица, 27-годишната манекенка Сузи Хант. Само го добила писмото што Бартон ѝ го напишал пред да умре.