Актуелно

Јорданка Ивановска-Јоци го обвини Кежаровски дека вербално ја нападнал

Откако на социјалните мрежи се случуваше жестока преписка и препукување меѓу новинарите Јорданка Ивановска – Јоци, Томислав Кежаровски и неговата сопруга Марина, оваа конфронтација доби еден поинаков, непосакуван тек.

Ивановска – Јоци тврди дека синоќа во скопската населба Лисиче со пцовски и навреди била нападната од Кежаровски, а како доказ вели има и снимки од безбедносните камери. Таа на Фејсбук напиша дека новинарот ја чекал пред куќата на нејзината пријателка, каде заминала да прослави роденден. Кежаровски застанал пред прозорецот на нејзиниот автомобил и влегол во отворен конфликт.

„Јас го одминувам со колата, барам место. Ја вртам колата назад, тој ме гледа од далеку, чекори кон мене, застанува со вклучен мобилен во рака, пред да се доближам. И ме чека пред куќа. Кога застанувам токму пред портата на другарка ми, го здогледувам од лево преку прозорец, по што тој се нафрла. Немам објаснување како знаел дека во тоа време ќе стасам, но имам две логични тези – во 19 ч. зборував со другарка ми и и’ кажав дека ќе дојдам некаде околу 21 ч. (Настанот се случи некаде околу 20.30). И втора теза – полициски пријателчиња да следеле ГПС и некој му дојавил за моето движење“, напиша Јоци на Фејсбук.

По кусо време откако Кежаровски сфатил дека планот за да ја заплаши му пропаѓа и откако поради викањето соседите почнале да излегуваат од своите домови тој си заминал, објаснува новинарката.

Кежаровски во телефонски разговор за Канал 5 не негирал дека се случил ваков настан. Новинарот само рече дека секогаш ќе реагира доколку некој на било кој начин ги навреди неговите сопруга и дете.

По ова се поставува дилемата од безбедносен асепект – од каде Кежаровски знаел во колку часот и каде ќе дојде новинарката. На прашањето на Канал 5 за ова тој кусо одгвори дека нема коментар. Дали претпоставките на Ивановска се можни разговаравме со поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески.

-Јас се сомневам дека во конкретниот случај некој од службите имал било каков интерес да даде некакви податоци, но не ја исклучувам можноста по оние приватни канали, другарски, пријателски итн. Затоа што ние генерално во оваа држава знаеме кој новинар, министер, началник со кого се дружи така да лесно можеме да ги позиционираме или пронајдеме во градот Скопје, вели Љубомир Ѓурчески.

Во однос на безбедноста, Ѓурчески рече дека не е изненадување дека секое физичко лице може да дојде до ГПРС податоци за локацијата на друго лице. Тој апелираше посебно новинарите да бидат свесни за овие опасности.

Advertisements
To Top