Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Еврокомесарот Јоханес Хан вечерва ќе пристигне во Скопје и утре ќе оствари средба со сите парламентарни партии, пренесува Тв Нова.
Дали Хан ќе инсистира на постигнување договор за широка коалиција, како што претходно гласеа официјалните пораки од Брисел за решението на политичката криза во земјава?
Од Европската Комисија пред една недела официјално соопштија дека формирањето на што е можно поширока политичка влада би било добро за земјава да може ефикасно да се справи со многу предизвици кои и следат.
Дали токму на таква, широка коалиција ќе инсистира и еврокомесарот Хан при неговата средба со партиите? Предвидувањата за исходот од средбите и преговорите се тешки за аналитичарите кои велат дека ситуацијата е многу неизвесна.
Според поранешниот министер за надворешни работи и аналитичар, Денко Малески, широка влада во која би учествувале ВМРО ДПМНЕ е невозможна бидејќи оваа партија го условува истото со престанок на работата на СЈО, што е комплетно неприфатливо за сите останати.
Ниту Хан ниту било кој има готови решенија. Главниот камен на сопнување е Специјалното јавно обвинителство и се повикува раководството на една политичка партија да работи против себе, а тие тоа нема да го направат, вели Малески.
Според него, Македонија е заглавена со прашањето на личната судбина на политичарите кои сега се под истрага на СЈО како главни виновници за кризата.
Аналитичарот Висар Адеми прогонозира дека Хан начелно ќе се залага да се има стабилна влада што е можно побрзо, без да навлезе во детали како може да се направи тоа.
Од критична важност е да се спроведат сите реформи од извештајот на Прибе, поддршка на работата на СЈО како и подобрување на односите со соседните држави. Според ова, само широка влада на сите парламентарни партии може да ги обезбеди сите реформи, вклучувајќи и можна разврска околу спорот со името, смета Адеми.
Широка коалиција ќе ја продолжи кризата
Како никогаш досега во последните десетина години сите карти се отворени. СДСМ за прв пат има реална шанса да формира мнозинство. ВМРО ДПМНЕ освен што би оделе во опозиција, тоа би значело и поефективен прогон на неговите осомничени функционери, како и евентуална националистичка радикализација на нивната партија и секако непродолжување на мандатот на СЈО, бидејќи за тоа е потребна согласност од сите партии потписнички на Пржино, смета политикологот Борјан Ѓузелов.
Според него, доколку Хан навистина заговара широка коалиција тоа ќе значи превенција на евентуално радикализирање на ВМРО ДПМНЕ, односно нивно задржување во Владата, како и продолжување на мандатот СЈО.
Одлуката за евентуална широка коалиција нема да зависи од Хан туку од партиските проценки за тоа што е најдобро за нив на краток рок (до локалните избори) како и на среден и долг рок .Клучот за оваа одлука е кај ДУИ, за кого широката коалиција би била најбезболно сценарио кое би ги задржало во привилегирана улога на своевиден медијатор од кого зависат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. За последните ваквото сценарио во очекување на локалните избори би можело да биде помалку ризично на краток рок, но и помалку добитно на среден и долг рок, додава Ѓузелов.
Сепак, тој вели дека евентуална широка коалиција, без разлика на нејзината декларативната заложба за реформи и спроведување на препораките на ЕК и Прибе би значела продолжување на статус кво ситуација на континуирани јалови преговори и потреба од брзи нови парламентарни избори.
Деновиве во тек се преговори помеѓу партиите СДСМ и ДУИ, откако Груевски не успеа да формира владино мнозинство. Потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта, денеска изјави дека неговата партија се залага во најкраток можен рок да се формира влада, објави ТВ 21. Бејта вели дека новата влада, која ќе биде формирана со еден ваков распоред на мандати, може да биде функционална и стабилна, секако доколку работи во интерес на граѓаните.
Одлуката на ДУИ за преговорите ќе биде објавена наскоро, порача Бејта.
Откако пред една недела од Брисел стигнаа пораки за постигнување на договор за широка коалиција, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа и побараа објаснување од ЕУ за нивниот став, бидејќи според нив широки коалиции не и донеле ништо добро на земјата. Портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчиќ одговори дека широка коалиција би била добра опција за справување со предизвиците кои следат.
Официјално, Хан во земјава доаѓа заради состанокот на министрите за надворешни работи и енергетика/економија од шесте балкански држави (Македонија, Косово, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора).
Ова е прва посета на Хан по предвремените избори на 11 декември. Последен пат беше во Скопје во октомври кога се разговараше за спроведувањето на изборите.