Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека групата „Јавна соба“ на апликацијата Телеграм е исклучена. Но, Спасовски апелираше на внимателност кај корисниците на социјалните мрежи, бидејќи на Телеграм имало друга слична група.
„Од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ме информираа дека групата „Јавна соба“ е затворена. Го поздравувам ваквиот чекор на платформата Телеграм и порачувам дека оние што го прекршиле законот ќе бидат казнети бидејќи ние целосно ги документираме случаите. Истовремено, апелирам за внимателност бидејќи на платформата Телеграм има и друга слична група и ние соодветно ќе постапиме и за членовите на оваа група. Сите што го кршат законот соодветно ќе одговараат“, напиша Спасовски на Фејсбук.
Претходно, тој објави дека денеска се приведени вкупно четири лица, двајца од Битола и по еден од Велес и Штип, директни учесници во Јавна соба на Телеграм.
За случајот денеска се огласи и премиерот Зоран Заев, кој кажа дека доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаат и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во земјава.