„Јас и Лин, отпосле“ од Ана Стојаноска – необична промоција која ги подигнува стандардите


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Културната установа „Блесок“ и авторката Ана Стојаноска, ве информираат а воедно и ве покануваат на промоцијата на романот „Јас и Лин, отпосле“, во петок, 30.09.2016г. во 20.00 на сцената на Факултетот за драмски уметности – Скопје.

Откако романот беше пуштен во продажба во јуни 2016 година до денес, неговата промоција е водена на несекојдневен начин за македонската книжевна и издавачка практика. Првата објава е на социјалните мрежи и авторката побара од секој што ќе ја прочита да даде мислење, импресија, впечатоци во пишана или снимена форма. На тој начин, романот сам си ја диктираше својата промоција. Од собраните материјали е направен краток промотивен филм, што публиката ќе има можност да го види на самата промоција.

За разлика од некои промоции каде се говори за делото што се промовира, на оваа самиот роман, преку филмот и читањето, ќе говори за себе. За своја претходница, промоцијата го имаше и промотивното читање на романот во џез клубот Take Five во Прилеп, во јули оваа година, каде што со помош на музиката од романот, актерите што читаа и гостите во клубот се направи една вечер полна уметности.

Романот „Јас и Лин, отпосле“, како што напиша во рецензијата Оливера Ќорверзировска, е еден „неодоливо, несовршен роман“, кој може да се дефинира како љубовен роман. Меѓутоа, вели рецензентката, „оваа едноставна констатација колку што го опишува, исто толку и го навредува впечатливото и помамно прозно писмо зад насловот. Оти му е малку на текстот да биде љубовен, оти ѝ е малку на Стојаноска да биде само романсиер“. Романот има и роман во роман, за семејството Веронови и една детективска приказна, а истовремено е полн со музика, поезија, фотографии, разни парчиња други текстови, кои на еден хибриден начин ја создаваат комплексната и комплетна приказна за младата писателка Саша, нејзиниот љубовник, актерот Лин, неговата сопруга Маја, како и романот за семејството Веронови, чиј најстар член умира во неразјаснети околности.

Романот „Јас и Лин, отпосле“, како што е редок примерок во македонската книжевна практика, истовремено нуди една ретка, поинаква, несекојдневна своја промоција.

д-р Ана Стојаноска (1977), театролог, вонредна професорка на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Дипломирала на Филолошки факултет во Скопје, на отсекот за општа и компаративна книжевност (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007).

Работела како истражувач – координатор во Институтот за театрологија при Факултетот за драмски уметности – Скопје од 2002 г. Учествува на многу симпозиуми и работилници од областа на театрологијата, компаративната книжевност и културологијата.

Автор е на книгите: Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (ФДУ, 2006). Приредувач на книгите Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Автор на повеќе студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Исто така, еден е од авторите/составувачи на Поимникот на книжевната теорија (МАНУ, 2007).

Пишува поезија и проза. Автор е на монодрамата Стаклен лампион, праизведена како радиодрама, во продукција на Театра – Скопје, 2013 г.