Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Иако Јапонија денес, на пет месеци од почетокот на Летните Олимписки игри, започнува со масовна вакцинација на населението против КОВИД-19, Јапониците не сакаат ни да чујат за одложување на истите.
Прилично подоцна отколку во многу други земји, денеска започна имунизација против коронавирус и во Јапонија. Први на ред за примање на вакцината на германски Бионтек и американски Фајзер се 40.000 вработени во здравството. Меѓу нив се 20.000 лекари и негуватели, кои изразија подготвеност да бидат дел од студија за евентуални нуспојави. Натамошни 3,7 милиони вработени во здравството треба да примат вакцина во март, а од април ќе започне вакцинирањето на околу 36 милиони граѓани постари од 65 години.
Во следната група ќе бидат лица со претходни заболувања и вработените во старски домови, а дури потоа на ред ќе дојде остатокот од вкупно 127 милиони жители на земјата.
Владата на премиерот Јошихиде Суга е на удар на остра критика поради кризното менаџирање на пандемијата на коронавирус. Болниците и натаму се преоптоварени, бројот на мртвите расте. Освен тоа, постојат стравувања дека милиони дози од вакцината на Бионтек и Фајзер нема да можат да бидат искористени, зашто на земјата ѝ недостигаат специјалните шприцеви за максимирање на бројот дози од секоја ампула.
На сето ова се надоврзува дополнителен притисок поради Летните олимписки игри, кои поради пандемијата на Ковид-19 од 2020. беа одложени за оваа година. Без оглед на непроменето критичната состојба со инфекцијата во светот, владата не се откажува од одржувањето на мега манифестацијата во Токио. Олимписките игри треба да започнат на 23. јули и да траат до 8. август, иако се засилуваат сомнежите во реалноста од запазување на овој термин.
Во Јапонија досега се регистрирани околу 415.000 случаи на Ковид-19, а околу 7.000 луѓе починаа од или во врска со коронавирусот. Иако бројот на заразени во изминатите недели се намалува по постигнатата кулминација во јануари, во Токио и во други префектури сѐуште во сила е вонредна состојба.