Јапонија има нов цар – церемонијално крунисан Нарухито


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Нарухито е новиот јапонски модерен цар кој тврди дека сака да му служи на народот. Сепак, поради конзервативното благородништво, но и слабото здравје на неговата сопруга, тој ќе биде ограничен во неговото делување, пренесува Дојче Веле.

На голема церемонија во Јапонија, во присуство на 2.000 гости од земјата и странство, крунисан е новиот јапонски цар Нарухито. Тој вети дека ќе дејствува во согласност со Уставот и дека ќе биде отелотворение на единството на јапонскиот народ. На крајот на церемонијата, јапонскиот премиер Шинзо Абе извика три пати „Банзаи!“ (Да живее царот).

Со тоа за најстарата јапонска институција настапи нова ера: Нарухито е првиот јапонски цар кого не го отхранила доилка и кој израсна под родителски покрив. Тој е и прв цар кој студирал во странство, ги завршил студиите и се оженил со жена која работи. Овој 59-годишник џогира, планинари, одлично зборува англиски јазик и свири виолина. Никогаш досега царската куќа не била толку модерна како денес.

Но, на неговите плеќи сега е долгата историја на институцијата „Тено“, што во превод значи „небески владетел“. Според официјалниот попис, Нарухито ќе биде 126. регент на лозата, која според легендата датира од седмиот век пред новата ера.

Династијата ја основал Јиму, пра-правнук на божицата на сонцето Аматерасу. Затоа во ритуалната молитва во текот на востоличувањето во шинто-светилиштето, пратеникот предава и едно огледало, кое како амблем на божицата Аматерасу преминува во сопственост на царот Нарухито.

Како и неговиот татко Акихито, кој се повлече од престолот, новиот цар ја посетуваше поранешната благородничка школа и доби диплома на универзитетот Гакушин, каде студираше историја. Потоа две години студираше економска историја на Мертон колеџот во Оксфорд. Посебно бил заинтересиран за пловните патишта. Уживајќи во дотогаш непознатите слободи во странство, далеку од дворските правила, тоа го оценил како „големо богатство“.

На пример, Нарухито на ѕидот на својата соба имал постер на американската филмска ѕвезда Брук Шилдс, а неговиот тутор му организирал состанок со неа. „Во Англија научив да размислувам, самиот да одлучувам, да ги придвижувам работите и да тргнувам во акција“, изјави Нарухито по враќањето.