Јанша vs ЕУ за актуелното мигрантско прашање со кое се соочува Унијата заради ситуацијата во Авганистан


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Премиерот на Словенија (земја која моментално претседава со ЕУ), Јанез Јанша, изјави дека Европската унија нема да дозволи наплив на мигранти од Авганистан, откако преземањето на Авганистан од страна на Талибанците го поттикна стравот од повторување на мигрантската криза во Европа во 2015 година, кога во Унијата пристигнаа повеќе од милион луѓе кои избегаа од војната и сиромаштијата на Блискиот Исток.

„ЕУ нема да отвори европски„ хуманитарни“ или миграциски коридори за Авганистан. Нема да дозволиме да се повтори стратешката грешка од 2015 година“, напиша Јанша на Твитер на 22 август. Словенија во моментов претседава со ЕУ. Јанша додаде дека ЕУ ќе прифати само поединци кои ѝ помогнаа на мисијата на НАТО во Авганистан.

Додека илјадници Авганистанци брзаат кон аеродромот во Кабул со надеж дека ќе ја напуштат земјата, Талибанците ги повикуваат луѓето да останат и понудија општа амнестија. Освен стравот од строгиот шеријатски закон и одмазда кој предизвикува некои Авганистанци да избегаат, постои стравување дека сиромаштијата, сушата и влошената економија би можело да мотивираат поплава од мигранти кои бараат подобар живот во Европа или на друго место.

Неколку земји од ЕУ бараат на бегалците да им се гарантира безбедност во земјите соседни Авганистан, пред ЕУ да размисли за прием на мигранти, освен оние што работеа со меѓународните сили и некои лица во ризик.

Од друга страна, пак, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, истакна дека Словенија „не може да кажува што ќе направи ЕУ“ во врска со бегалците од Авганистан. Сасоли го „прекори“ словенечкиот премиер Јанез Јанша за неговиот твит во кој тој напиша дека на азилантите „не им должи ништо“, јавува МИА.

– Сите наши земји чувствуваат дека се вклучени во расплет на ситуацијата во Авганистан и јасно мора да покажеме солидарност – истакна Сасоли.

Претседателот на Европскиот парламент сепак не прецизираше како ЕУ планира да им помогне на мигрантите.

– Сите наши институции работат на тоа да се утврди каква солидарност е потребна за тие кои се во опасност од новиот (талибански) режим, а не само за Авганистанците кои работеа со нас – објасни тој.

Во своето обраќање, Сасоли го повика Јанша прво да разговара и да се консултира со европските институции за следните чекори кои ќе ги преземе.