Јанева: СЈО не украде никаков клуч, Панчевски психијатриски треба да се прегледа


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Апсолутно не е одземен клуч од домот на Панчевски. Да појаснам, во моментот кога ние имавме наредба од судот да извршиме претрес во станот на Панчевски, немаше никаква потреба да земаме некакви работи. Можевме да го земеме сето она што е предмет на наредбата и се е одземено со записник за претрес и тоа и го направивме. А тоа што тој го снимал својот стан треба да биде предмет на психијатриска опсервација, изјави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Според неа, претресот во станот на поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски бил снимен од крим полиција од МВР.

„Многу пати во такви ситуации кога не напаѓале, сме мислеле дека е поважно да ја вршиме нашата работа и да ги оставиме таквите маргинални работи сами по себе да се средат, бидејќи прво и основно е тоа што се знае зошто ние влеговме во неговиот стан, се знае и зошто отидовме и во судот, да видиме дали тој ја злоупотребува својата службена должност и овластување, односно дали оддава државна службена тајна. Тоа е важното прашање. А другото, не е воопшто важно“, вели Јанева запрашана дали ќе поведе постапка за одговорноста на Панчевски бидејќи објавил снимка која е дел од предистражна постапка.

Таа уште еднаш подвлече дека не е одземен клучот од станот на Панчевски.

„Апсолутно не е одземен клучот. Можеби ви изгледа на камерата како да го одзема, но тоа не е така и тоа мислам дека во еден момент ќе биде објаснето и самата еуфорија што се навлече во јавноста во врска со претресот. Сакавме колку што можеме да бидеме професионални и тајни во тој дел на предистражната постапка и самото наметнување од страната на Панчевски како работи СЈО мислам дека ја доведува неговата загриженост или незадоволство од тоа дека ние професионално си ја вршиме нашата работа“, вели Јанева.

Таа нагласи дека извршен е попис на сите предмети што се одземени и ќе се почне со нивна анализа од страна на адекватни стручни лица од полицијата па потоа, вели, ќе се премине во друга фаза.

Запрашана за предметот „Монструм“ и дали осудените лица ќе се пуштат од притвор, таа рече дека првпат слуша дека некој ќе се пушти од притвор.

„Тоа, прво, не е наша работа, ниту во наш интерес. Ние го анализираме предметот „Монструм“ уште од првиот ден. Вие мора да знаете, јавноста во секој момент е запознаена дека ние целокупно ги анализираме сите прислушкувани разговори што се кај нас. Парцијално не можеме да кажеме што и како ќе биде во одредени случаи, посебно за случајот „Монструм“ кој јавноста будно го следи“.

За тоа дали воопшто постојат снимки за овој случај и дали се побарани од страна на државното Обвинителство, Јаневава изјави дека од нив досега не биле побарани снимки.