Ја одбиваат Барса уште пред официјално да ги побара


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Неколку фудбалски тренери кои важат за кандидати за замена на Луис Енрике на клупата на Барселона, јавно го одбија шпанскиот гигант уште пред да добијат официјална понуда.

Хорхе Сампаоли ја отфрли можноста да замине на „Ноу Камп“, велејќи дека е „поврзан со проектот во Севилја до смрт“. Тој веќе беше поврзуван со Барселона летово, пред да ја преземе Севилја.

Претходно, Арсен Венгер, менаџерот на англиски Арсенал, истакна дека не е заинтересиран за работата во трофејниот шпански клуб.

– Не барам работа во други клубови, туку сум фокусиран на начинот за да остварам напредок – кажа Венгер, кога беше запрашан за можното преземање на Барселона.

Фудбалските познавачи не веруваат ниту дека Маурисио Покетино би го напуштил Тотенхем поради Барселона, по неговите последни изјави.

– Не можам да кажам ништо за Барселона. Јас сум во Тотенхем. Многу сум среќен. Имам уште четири години од договорот и уживам во сегашниот проект – порача Покетино.

Од друга страна, поранешниот дефанзивец на Каталонците, Лоран Блан, наводно контактирал со Барселона, за да изрази интерес за работата. Тој е без ангажман откако доби отказ во ПСЖ на крајот од минатата сезона.

Медиумите шпекулираат со можните наследници на Луис Енрике, откако шпанскиот стратег најави дека нема да ја води Барселона следната сезона. Претседателот на клубот Хозеп Марија Бартомеу, пак, истакна дека потрагата за замената на Енрике ќе се одвива дискретно.