Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Откако испцу еден дел од присутните новинари пред судот и влезе во судската зграда во придружба на финансиската полиција, екс градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, вчера два часа беше на распит пред судија, за судот да го напушти без пасош. Овој случај кој се води како злоупотреба на службената положба, Јакимовски го нарече политички мотивиран спектакл.
„Немаше потреба од вакви спектакли. Ниту некој нешто украл ниту однел дома документите се таму бараките и плоштадот се таму“, вели Стевчо Јакимовски
Алтернативните мерки се изречени и за неговите некогашни соработници од општината. Финансиската полиција која ја поднесе кривичната пријава се сомнева дека преку три јавни набавки е нанесена штета врз буџетот на општина Карпош во вредност од речиси 600 000 евра. Првите биле во 2012-та и 2013-та година. Склучил договор со фирмата Алконтпроект која не доставила банкарска гаранција, дозволил да почне со градбата, а откако не било навреме завршено ги раскинал договорите, но штетата била нанесена.
„Пријавениот С.Ј. давал усни инструкции на изведувачот да реализира позиции во поголеми количини од предвидените во техничката спецификација како и да реализира позиции кои воопшто не биле предвидени во техничката спецификација и на ваков начин му овозможил на истиот да се стекне со противправна имотна корист во висина од 32,878.275,00 денари. а на штета на Буџетот на Општина Карпош“ – Финансиска полиција
Слично и 2016 година, финансова открива дека за изградба на плоштад во Жданец, повторно била спроведена јавна набавка која ја добила фирмата СМ Компани – Свети Николе, која исто така не доставила банкарска гаранција, а била прифатена.
За овие јавни набавки полицијата четири часа завчера ги претресуваше неговите две куќи, а Јакимовски вели немало што да најдат.
„Слушам и гледам како три месеци „ораат“ по општина Карпош, а јас ако имам што да кријам кога ќе дојдеа дома на претрес ќе најдеа само, како да кажам, долен веш и ќебиња, немам што да кријам“, вели Стевчо Јакимовски
Јакимовски ноќта ја мина во полициска станица, од каде беше спроведен во судот. На излегување ја пофали финансиската и судската полиција дека имале коректен однос. А, за пцовките кои ги упати на дел од новинарите не се извини, оти сметал дека се непрофесионални. Освен пасошот тој секој понеделник ќе треба да се јавува во судот и не смее да го напушти Скопје. На мерките нема да се жали, најави неговиот адвокат, за да докажува дека случајот е чист и нема криминал.
Фото: СДК