Излезноста блиску до рекордна бројка – заврши гласањето, почнува броењето


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Денешното гласање помина во мирна атмосфера, без инциденти, но со поголем број нерегуларности, за кои информираше полицијата и набљудувачите од повеќе граѓански организации.

Точно во 19 часот беа затворени сите 3.840 гласачки места во шест изборни единици, на кои своето право на глас можеа да го дадат 1.784.416 полнолетни државјани на Република Македонија запишани во Избирачкиот список.

Како што соопшти вечерва Државната изборна комисија (ДИК), до 17 часот излезноста на гласачите на ниво на целата земја била 60,38 отсто. Одзивот во Изборната единица (ИЕ) 1 бил  66,38 осто, во ИЕ 2 – 59,89 отсто, во ИЕ 3 – 64,90, во ИЕ 4 – 67,15, во ИЕ 5 – 58,46, а најнизок одзив имало во ИЕ 6 – 46,82 проценти.

Според прелиминарните податоци што ги соопшти ДИК, од пријавени 20.571 избирачи во дијаспората, вчера на гласање излегле 8.208, односно 39,90 отсто.

Од ДИК соопштија и дека до Комисијата денеска пристигнале 335 приговори за заштита на избирачко право на граѓаните. Сите разгледани пријави биле одбиени, бидејќи Комисијата утврдила дека тие биле евидентирани како спорни гласачи, а не го искористиле законскиот рок да се пријават, и покрај тоа што ДИК испратила писма до сите, како и безброј повици упатени преку јавни кампањи.

Мирно, со нерегуларности

Денешното гласање помина во мирна атмосфера, без инциденти, но со поголем број забелешки и нерегуларности за кои информираа акредитираните набљудувачи од граѓанските организации, но и МВР.

Како што соопштија од МВР попладнето на прес-конференција, имало обиди за поткуп на гласачи, уцени, закани, организиран превоз на гласачи и агитирање. Полицијата работи на расветлување на обиди за поткуп на гласачи во Демир Хисар, Охрид, Драчево и Шуто Оризари. Во повеќе општини било регистрирано агитирање и истакнување партиски обележја во близина на избирачки места.

Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија во текот на изборниот ден забележал низа неправилности и нерегуларности на повеќе избирачки места. Информациите претежно доаѓале од граѓани, но и од набљудувачи на терен. Во општина Арачиново на поголем број граѓани не им било дозволено да гласаат затоа што ги немало на Избирачкиот список, а поседувале валидни лични карти. Во општина Кисела Вода, на улица Боте Боцевски, на Роми им се нуделе по 1.000 денари за да гласаат за партија на власт. Случајот е пријавен од страна на граѓанка која го посведочила настанот.

Од Општинската изборна комисија во Охрид била воочена неправилност на избирачко место во село Лескоец, каде било утврдено дека недостига гласачко ливче. Случајот е пријавен, бидејќи недостигот од гласачко ливче може да индицира дека бил применет системот на гласачка измама познат како „бугарски воз“.

По затворањето на гласачките места, вечерва во 19 и 30 часот прес-конференции ќе одржат МВР и граѓанската асоцијација „Мост“, на кои се очекува да ги соопштат нивните податоци поврзани со текот на изборниот процес.