Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонскиот пијано виртуоз од светски ков, Симон Трпчески, со пријателите, го издадоа албумот насловен „Македонисимо“, објавен под престижната британска етикета „Лин Рекордс“, соопшти Здружението за култура и уметност „КултурОп“. Тој беше најавен со синглот „Не си го продавај, Кољо, чифликот (Омаж за Брамс)“.
Како што изјави Трпчески во интервју за „Независен“, „албумот е фузија на фолк и класична музика, која ги дефинира неверојатните ритми и прогонувачки мелодии на мојата татковина Македонија“.
Светската премиера на проектот се случи на фестивалот во Лудвигсбург, Германија, во мај 2017 година.
„Денеска е голем ден, Голема Богородица, но и голем ден и голема победа на македонската музика (песни, ора, корени), длабока историја и уметност. На овој албум на многу уникатен начин се обработува македонската народна музика од страна на македонскиот композитор, прекрасниот Панде Шахов, кој со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата народна музика различни музички стилови. Освен до Шахов, благодарност и до уникатниот тим Александар Краповски на виолина, Александар Сомов од Бугарија на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад ударалките е Влатко Нушев, но и на продуцентот Џереми Хејс и инженерот за звук Бен Конелан со кои снимавме во Сафолк во Источна Англија. Јас сум неизмерно среќен што по 3-годишното нижење на сиот тој материјал на концертните сцени ширум светот, еве дојде денот еден носач на звук кој на сите луѓе што го или не го слушнале на концертите во живо, ќе им овозможи тоа да го сторат и да му се навратат кога ќе посакаат, изјави за Македонското радио Трпчески.
Со излегувањето на ова це-де под етикетата на „Лин Рекордс“ стартува соработката на Трпчески и пријателите со престижната британска издавачка куќа.
Трпчески во Софија заедно со Краповски и Сомов веќе го започна снимањето на материјалот со дела од Шостакович, а во тек се и завршните подготовки за снимање оркестарско цеде за оваа еминентна етикета.