Изјава на Русковска: Сопственикот на превозната компанија чиј автобус изгоре е тука, на местото на несреќата


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Главниот јавен обвинител Љубомир Јовески, заедно со шефицата на Одделот за организиран криминал се на местото на сообраќајната несреќа во Бугарија со цел да им помогнат на бугарските истражители и да обезбедат потребни документи од земјава.

– Станува збор за голема трагедија, особено кога се загинати 12 деца. Јас сум задоволен од досегашната соработка со Обвинителството во Бугарија. Долги години имаме професионална соработка и верувам дека професионално ќе ги разјаснат сите околности во овој настан. Ние ќе дадеме помош во делот на обезбедување документација, идентификување на настраданите и се она што е потребно во истражувањето, кажа Јовески.

Одговарајќи на новинарските прашања, бугарските обвинители истакнаа дека работат на сите верзии, а во моментов се земаат изјави од сведоци кои се нашле на местото на настанот. Бугарскиот обвинител додаде дека имало и втор возач, но се претпоставува дека и тој е загинат.

Тие открија дека во Македонија нема да се спроведува дополнителна истрага, а сите експерти ќе бидат обезбедени од бугарска страна. Од друга страна шефицата на Одделот за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска рече дека сопственикот на превозната фирма се наоѓа на местото на настанот.

– Тука се наоѓа и сопственикот на превозната фирма, кажа дека 20 години има транспортна фирма и до сега немале никаков инцидент. Но, ќе ја обезбедиме целокупната документација за сите автобуси, односно кога се регистрирани и кога биле на технички преглед и ќе ги препратиме до бугарските колеги, истакна Русковска.

– Документите за сопственоста на автобусот се обезбедени и ние ќе ги предадеме на бугарските колеги, дополни Јовески.