Изјава на Османи за доаѓањето на американскиот тим за санкции во Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Првиот човек на македонската дипломатија, министерот Бујар Османи во коментар за тоа за што станува збор со доаѓањето на тимот за санкции од Вашингтон, вели дека ние сме барале соработката со САД да ја издигнеме на повисоко ниво.

Според неговата изјава, тоа било побарано кога имало стравувања дека ќе останеме без мониторинг од ЕУ ако не ги отвориме пристапните преговори. Сега, вели, од една страна стратешкиот дијалог со САД и неговите механизми и од друга страна преговорите со Унијата се двете страни на ножицата која треба да ја искорне корупцијата.

„Апсолутно го поздравуваме овој засилен ангажман на САД во поддршка на институциите за владеење на правото. Веднаш штом го започнавме стратешкиот дијалог со САД во јуни, САД прво финансиски помагаше, додаде над 4 милиони евра само за прашањето на владеење на правото, еве сега продолжува со дополнителни механизми преку поддршка од страна на експрерти, искористување на нивните механизми, санкционирање, јавно именување итн. И тоа е дел од тоа што ние го побаравме, кога имавме дилеми дали ќе почнат преговорите или не, јас стравував дека ќе останеме без таков мониторинг. Тогаш побаравме од САД дајте да ја издигнеме на повисоко ниво оваа соработка. Беше наше барање“, вели Османи.

Толкувајќи ја вчерашната објава на американската амбасадорка Анџела Агелер во која се споменува „сеопфатни актери“, тој вели дека се работи за еден сеопфатен пристап и тој го дели ставот дека корупцијата во земјава не е само на ниво на политика туку и во секој општествен сектор. Неговата партија ДУИ, вели, е спремна да предложи закон за ветинг со кој секој што ќе биде предложен за јавна функција ќе биде подложен на проверка.

„Секаде каде граѓаните се јавуваат на шалтер и бараат услуга од државата има елементи на корупција и ништо не сме направиле ако имаме селективен пристап во овој дел. Сеопфатен пристап од портирот на врата до највисокиот функционер во државата. Ние сме тие кои го предложивме ветингот. Еве уште еднаш сме спремни, ако зборувам како претставник на ДУИ, да предложиме закон во кој ќе бараме медиумско институциска интероперабилна проверка на секој кандидат за носител на јавна функција за да се даде можност на кој што било конкурира за јавна функција да помине низ таков ветинг процес. Го поддржуваме тој процес, поддржуваме бескомпромисна борба со корупцијата на сите нивоа“, рече министерот.

Амбасадорката Агелер, во вчерашната објава рече дека тимот е тука за поагресивна борба против корупцијата кај поранешни и актуелни коурпмирани актери.

„Тимот за санкции од Вашингтон е тука за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, објави Агелер.