Изјава на Османи: Еве кои точки од францускиот предлог не се прифатливи за Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Тоа што парламентот на Бугарија даде зелено светло за Македонија да ги почне преговорите со ЕУ не може да се сфати како такво додека последниот збор не го каже француското претседателство. Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека прво мора да се види каков текст одобрил Парламентот во Софија, за на крај да се произнесе и Скопје, пренесува Алсат.

„Треба да видиме каков текст усвои Бугарија и како ќе чекори кон финалната верзија што ќе ја достави француското претседателство. Верзијата испратена до земјите-членки е недовршен нацрт бидејќи прашањата за кои не се договоривме двете страни, останаа во наводници. Да видиме од почеток која е бугарската верзија и каков ќе биде ставот на француското претседателство по нашите ставови ден претходно од Брисел“, рече Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Од францускиот нацрт-предлог за Скопје остануваат неприфатливи три прашања. Османи вели дека нема да се доведат во прашање државните интереси, а со вклучувањето на протоколот во преговарачката рамка би се отвориле нови проблеми кои би довеле до замрзнување на активностите на историската комисија. Османи рече дека доколку зборот „протокол“ се тргне од рамката, францускиот предлог би бил прифатлив.

„Нашиот став, кој вчера му беше соопштен на француското претседателство, беше објавен во јавноста поради објективни околности бидејќи не сакавме негативно да влијаеме на внатрешните случувања на друга држава. Многу е јасно: три прашања се важни за нас да кажеме да или не на кој било предлог: прашањето за јазикот, прашањето за исклучување на историските толкувања од преговарачката рамка и трет – тоа е динамика меѓу промената на Уставот и почетокот на преговорите“, додаде Бујар Османи, министер за надворешни работи.

За вклучување на Бугарите во Уставот, шефот на дипломатијата вели дека во предлогот не се споменува бугарско малцинство, туку заедници и малцинства. Сепак, тој додаде дека вклучувањето на бугарското малцинство во Преамбулата не е проблем и оти заедно со нив треба да се вклучат и други малцинства.

Во врска со обвинувањата за политички поделби во државава за овој предлог, Османи ги отфрли гласините дека албанските партии се против државните интереси и нагласи оти партнерите во владејачката коалиција се единствени за ставот што премиерот Димитар Ковачевски го соопшти вчера во Брисел кога францускиот предлог го оцени како неприфатлив за земјава.