Изборот на ректор повторно ја разбранува јавноста


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Дел од кандидатите за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), професорите Петар Атанасов и Вујица Живковиќ, поднеле приговор до Универзитетската комисија за избор на ректор, бидејќи сметаат дека се преземени активности кои не биле во согласност ниту со Уредбата на Владата, ниту со Законот за високо образование, ниту со Статутот на УКИМ.

Кандидатите за ректор истовремено побараа оставка од Комисијата, а државните институции да ги санкционираат нелегалните дејства.

Во приговорот стои дека: „Конкурсот за последниот (петти) ден, требаше да биде објавен на истиот начин како и првиот пат, во две јавни гласила и на страната на УКИМ. Дали на овој начин (преку мејл во 23:55 часот на 14 јуни во недела) е во ред да се информираат кандидатите кои поднеле документи во рок кој не е валиден, и дали на овој начин е оневозможено други кандидати да конкурираат, што е сосема неуставно. Зошто роковите на валидност на комисијата се продолжени после 26. 06. 2020, кога претходно објаснувавте дека после тој датум Комисијата е невалидна, затоа што мандатот на членовите истекува на 26.06.2020 год., кога според Статутот по ова прашање единствено толкување може и треба да даде Сенатот?“.

Кандидатите за ректор сметаат и дека Универзитетската изборна комисија нема право да ја толкува Уредбата на Владата со која се суспендираа изборите на УКИМ, додавајќи дека толкување како треба да продолжи спроведувањето на изборите може да дадат само од Владата.

Пред да продолжите со какви било активности, единствено што сте должни да направите а притоа да не ги пречекорите своите надлежности, е да побарате толкување од Владата. Во таа смисла, бараме од Вас веднаш да ги стопирате сите преземени активности. Бидејќи од вчерашниот ден (15 јуни) повторно се воведува вонредна состојба, бараме Комисијата за избор на ректор да си поднесе оставка, а институциите на државата да ги санкционираат овие противзаконски дејства во веќе целосно компромитираната и дискредитирана постапка“, се додава во приговорот.

УКИМ на својата интернет страница објави дека сите активности за избор на ректор продолжуваат од вчера, кога бил и последниот ден за пријавување на кандидатите за ректор.

Актуелниот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, смета дека владината уредба, со која се прекинаа изборите за ректор на УКИМ претставува упад во автономијата на универзитетот.

Според роковникот за избор на ректор следи утврдување на листата на пријавените кандидати, со право на приговор од три работни дена на пријавените кандидати. На 23 јуни треба да се објават биографиите и програмите на кандидатите за ректор, додека на 24 јуни треба да се направи проверка на условите за реализација на изборите во услови на пандемија.

Гласањето за избор на ректор на УКИМ е предвидено да се одржи на 26-ти јуни од 12 до 14 часот на единиците на Универзитетот.