Иво Вајгл: Влада ќе се формира


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Европарламентарците доцна вечерва во Стразбур расправаа за извештајот за Македонија подготвен од известувачот Иво Вајгл, што треба да се најде на гласање на сесијата на Европскиот парламент во мај. Речиси без исклучок сите побараа претседателот Ѓорге Иванов да престане да го блокира формирањето на новата влада, а Парламентот да почне да работи на нормален начин. Немаше парламентарец кој ситуацијата во земјата не ја оцени како многу сериозна, а политичката криза како се подлабока, со заедничка оценка дека тоа ја загрозува европската перспектива на земјата.

Според преставникот на малтешкото претседателство, Јан Борг кој настапи во име на Советот на ЕУ, Македонија страда од поларизација и култура на поделби, а системски мани се регистрираат во судскиот систем, човековите права и борбата против корупцијата. Ненад Мимица, еврокомесар за меѓународна соработка и развој од Хрватска ги повика политичките фактори да ги почитуваат резултатите од изборите, претседателот Иванов да дозволи да се формира владата, а политичките партии да престанат да долеваат оган на меѓуетничките односи. Тој изрази силна загриженост за нападите врз граѓанскиот сектор од страна на државните институции, нешто што го споделија како став и други говорници во ЕП, и даде силна поддршка за продолжувањето на мандатот на СЈО.

Влада мора да се формира. Но, тој процес е во рацете на претседателот и на политичките лидери. Само тие можат да ја вратат Македонија на патот на евроинтеграцијата, порача Мимица. На крајот тој ја предупреди актуелната власт во Македонија дека добрата соработка околу мигрантите не значи дека ќе ги затворат очите пред нарушувањето на демократијата во земјата.

Кнут Фленкештајн порача дека е лошо да се држи цела земја заложник затоа што не се оствариле очекувањата на една партија за останување на власт. Поголемиот дел од земјата мисли дека демократијата функционира само ако победат, забележа тој, додавајќи дека тоа очигледно го мисли и мнозинството од тие што деновиве излегуваат на улиците.

Едуард Кукан посака конечно да го види светлото во тунелот по неколку години криза во земјата, па го повика претседателот Иванов да го даде мандатот за формирање влада, а Парламентот на почне да работи според нормална процедура. Тонино Пицула оцени дека владеечката партија, соочена со губењето на власта ја довела земјата во ситуација без преседан, а Парламентот е толку блокиран што не може да донесе ни одлука за разпишување локални избори. Според него изборите не дале апсолутен туку релативен победник кој, пак, не успеал да формира влада.

Известувачот Иво Вајгл им се обрати на соседите што се мешаат во внатрешните работи на Македонија во време кога состојбата во неа е толку проблематична и комплицирана, во што можеа да се препознаат албанските политичари и грчките европарламентарци.

Не треба да ја правите ситуацијата уште потешка со мешање во внатрешните работи. Македонија се соочува со големи предизвици на патот кон ЕУ. Сепак, лично очекувам дека ќе дојде крајот на кризата, дека владата ќе се формира и дека ќе се обнови нормалното функционирање на Парламентот, порача Вајгл додавајќи дека никој не треба да се чувствува после тоа како губитник во националниот проект.

Единствената што не беше на линија на овие ставови беше Маријана Петрит, хрватската европарламентарка, која ги обвини САД и Албанија за мешање во политичката ситуација во земјата и им даде политичка легитимација на протестите што против Тиранската платформа се случуваат во Скопје