Иванов: Со договорот од Преспа се негира правото на самоопределување, со него политичари ќе ги цензурираат историските учебници!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со Договорот од Преспа, академската и образовна дејност ќе ја надгледуваат политичари, дипломати и бирократи кои ревносно ќе ги цензурираат учебниците што ги пишувате или од кои вие предавате, рече претседателот Ѓорге Иванов обраќајки се пред професори и историчари на свеченото отворање на Првата национална конференција за византологија и медиевистика „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“.

Притоа, Иванов посочи дека пред еден милениум Самуиловата држава се соочувала со слични предизвици како и современата македонска држава.

„Тие предизвици се негирање, непризнавање, обиди за блокада, изолација и погрешно именување. Од нас зависи дали ќе ја зачуваме академската слобода или на идните генерации во наследство ќе им оставиме цензурирана и фалсификувана историја“, порача претседателот на Република Македонија.

Според Иванов, асномска Македонија е фиданка што изникнала од коренот од кој изникнала и Самуиловата држава.

„Денес, за жал, се прават обиди и на таа фиданка да ѝ се накалеми туѓа гранка. А таа туѓа гранка е Договорот од Преспа. Во член 8, точка 5 е предвидено формирање на ‘Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања’. Иако тој комитет би требалo да го разгледува објективното научно толкување на историските настани, сепак, симптоматично е што тоа треба да го прави под надзор на министерствата за надворешни работи на двете држави. Авторите на текстот на Договорот од Преспа, кои и да се тие, покажуваат или елементарно непознавање на балканската историја или загрижувачка индиферентност кон сложените процеси на градење на балканските идентитети. Искрено, не знам која од овие две алтернативи е полоша“, рече македонскиот претседател.

Според Иванов, со договорот од Преспа се негира правото на самоопределување, се негира правото на слобода на мислење и изразување, гарантирани со Универзалната декларација за човекови права.

„Современата грчка држава инсистира името Македонија да се употребува само за административната област што се наоѓа во нејзините граници. Бирократите во некои меѓународни организации го бришат името Република Македонија и придавката македонски со еднаква ревност како што тоа го правеле византиските хроничари пред 1.000 години“, истакна претседателот.

„Договорот од Преспа има за цел од нас да направи фуснота во нечија туѓа верзија на историјата, и со тоа да го затвори поглавјето за самоопределувањето на македонскиот народ и неговата суверена и независна Република Македонија“, додаде тој.

Иванов, правејќи паралела со денешните случувања, истакна дека една од причините за пропаста на Самуиловата држава била превртливоста на нејзините елити, кои, како што кажа, за титули, инсигнии, стипендии и престиж ја менувале страната.

Националната конференција за византологија и медиевистика „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“ е во организација на Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија, а под покровителство на Претседателот на Република Македонија.

Извор: Макфакс