Иванов предновогодишно: Преспанскиот договор значи крај на Македонија каква ја знаеме


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во неговото последно предновогодишно обраќање во Собранието од овој негов втор претседателски мандат, Ѓорге Иванов ја обвини власта дека со Преспанската спогодба македонскиот јазик го свела на монета за поткусурување.

„Од почетокот на независноста на Македонија, Грција ни го попречи правото на самоопределување, ни го доведува правото на постоење, а оваа трагедија е благодарение на Преспанскиот договор. Спогодбата ѝ става крај на Република Македонија каква што ја знаеме.

Текстот на Преспанската спогодба беше донесен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност како претседател на Република Македонија“, рече Иванов.

Според него, на 30 септември на референдумот народот се соочил со лажна алтернатива, избор меѓу просперитет и идентитет. Но, како што рече, проработел имунитетот на македонското општество и народот се изјаснил против избрзани, наметнати решенија, без постигнат консензус.

„Тивкото мнозинство донесе гласна одлука и ја отфрли уцената. Со бојкотот народот го одбрани своето право на постоење. Се надевам дека еден ден ќе дојде генерација политичари која ќе го задржи она што некој е подготвен сега толку лесно да го изгуби“, рече Иванов.

Во однос на тврдењата на владата дека со Договорот од Преспа е зачуван македонскиот јазик, тој кажа дека Грција ја демантирала македонската Влада, повикувајќи се на изјави од грчкиот претседател и премиер.

Можност за натамошен развој на односите со Грција Иванов гледа во, како што рече, враќање кон автентичните и ненаметнати мерки на градење на доверба кои, според него, почнале да даваат резултати, како и преку обновување на националниот консензус во Република Македонија.

„Треба да разговараме и да ги разгледаме опциите за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување. Но, за тоа е потребна политичка волја, тука, кај нас“, рече Иванов во Собранието.