ИТ секторот од власта бара либерализирање на работниот однос и даночни олеснувања


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На вчера одржаниот форум „Бизнис клима за информациско-комуникациска технолошка индустрија – како да се стимулира растот на работната сила во ИКТ?“, одржан во рамки на Проектот на УСАИД – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, тема на разговор и анализи беа фискалните давачки, регулативата за работни односи и образованието/

Александра Чакаревска од МАСИТ изјави дека претставници на четирите комори ќе дадат свои предлози за овие прашања и за регулативата, со особен акцент на либерализација на законот за работни односи за вработените во ИТ секторот, пренесува Независен.

– Зборуваме за законот за работни односи чија либерализација е во тек и исто така за даночната регулатива, како и за сите подобрувања што можеме да ги предложиме на надлежните институции, да ја доближиме соработката на коморите и воопшто приватниот сектор со сите надлежни институции за подобрување на ефикасноста на регулативата во државата и нејзина поефикасна примена, изјави Чакаревска.

Факторот иднина за ИКТ секторот зависи од многу сегменти, но како што потенцира таа, треба да научиме како да ги искористиме сите добри практики од другите земји.

-Платата треба да биде добра, и таа во ИКТ секторот во Македонија е добра, но другите фактори, како даночните олеснувања треба да ги земеме во предвид, образованието, менувањето на курикулумите на факултетите, начинот на запишувањето на студентите и преквалификацијата. ИКТ секторот нуди многу можности. Овде се поставува прашањето за странски инвестиции, но и за помош на наши македонски фирми да се развиваат и да имаме поголема слобода за нивно основање. Треба да обезбедиме ефикасна регултива и слобода на движење на капиталот, да направиме полиберализирани закони кои во практика ќе може да се спроведуваат, вели Чакаревска.

Гости на форумот се претставници од Србија и Хрватска кои ќе споделат искуства за развојот на ИКТ секторот и ќе помогнат да се подобрат позициите на македонските ИКТ-комори во однос на барањата и соработката со надлежните министерства за подобрување и унапредување на регулативата.

Немања Жуниќ, адвокат од Србија, кој се занимава со правото во ИКТ секторот, вели дека и кај нив има заминување на кадри.

-Во Србија недостасуваат ИТ кадри, но и во помошните дејности кои помагаат на ИТ секторот. На пример во нашата канцеларија имаме проблем да најдеме адекватни правници кои имаат технички способности и т.н. дигитално гледање на индустријата, што е посебна вештина, вели Жуниќ.

Проблемот, вели тој, е растот на оваа глобална индустријата.

-Тоа е глобална индустрија за која можете да работите од секаде. Отворање кон други држави од Истокот, и онака како што работат западните земји со преземање на кадри, така и ние треба да размислуваме доколку сакаме да бидеме конкуретни, смета Жуниќ.

За заминувањето на кадрите од ИТ индустријата од Хрватска, Дејан Гостимир од Факултетот за економија и менаџмент во Загреб, вели дека тие доста вложуваат во едукацијата на вработените и на тоа гледаат како на инвестиција.

– На тој начин ги задржуваме младите луѓе и вработените во ИТ секторот. Просечна плата во ИТ секторот е околу 1.500 до 2.000 евра, вели Гостимир.

Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива има активна улога во поддршка на ИКТ секторот преку застапување на предлозите за стимулирање на инвестиции во работната сила и тоа – даночни признавање на направени трошоци во подобрување на работните услови (спорт и рекреација, team-building, одмор, здравствени прегледи, грижа за деца и сл.), дополнителни даночни ослободувања за трошоци за едукација, даночни поттикнувања за донации во образование (по примерот на донациите во спортот) за стимулирање на вложувања во преквалификација и доквалификација на работната сила. Потоа ограничување на максимална основица за придонеси: 90.000 бруто 50 отсто повисока од просечно исплатената во ИКТ индустријата во 2018 година, како и работни односи дефинирани „по мерка” на ИКТ индустријата: работа надвор од просториите на работодавачот, флексибилност за мерење/исплата по учинок и електронска комуникација работодавач/работник.

Форумот овозможи голем број на претставници на приватниот сектор да ги дадат своите забелешки, да ги објаснат своите предизвици, како и да дадат придонес за подобри решенија кои ќе бидат застапувани преку јавно-приватниот дијалог. Се разговараше и за можностите за инвестиции во ИКТ образованието што ќе одговара на потребите на приватниот сектор за квалитетна работна сила, зголемување на бројот на студенти на техничките факултети, вложувања во едукативен кадар и поддршка на капацитетите за неформално образование кои придонесуваат во создавање на ИКТ професионалци.

Учесниците оценија дека е потребен системски пристап со промена на повеќе закони од областа на работните односи и даноците, со цел да се овозможи континуиран раст на ИКТ секторот како еден од најважните во домашната економија кој придонесува со отворање на нови работни места, високи примања и извоз на услуги и производи.