Истражување на МОФ: Државата троши по 1 евро за три оброци на еден студент


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во просек по едно евро за вкупно три обрози по студент – толку трошела државата за да обезбеди доручек, ручек и вечера за студентите кои за време на студиите живеат во студентските домови. Тоа значи по 20-тина денари по оброк, што е еднакво на мизерија.

Овие податоци од истражувањето на Младионскиот образовен форум, велат симболично, но најдобро отсликуваат колку државата вложува во младите. Квалитетот на животот, со години не се поместил од мртва точка, а токму затоа велат, и бројот на запишани студенти во домовите опаднал и за повеќе од 20 отсто.

„Државниот студентски дом Скопје во изминатава година на пример купувал по 4000 килограми банани. Тоа ако го поделиме со месеците и бројот на студенти, доаѓаме до податок дека секој студент добива по една банана месечно “ – посочи Петар Барлаковски од Младински образовен форум.

„Не сите студенти се хранат во мензите, автоматски помалку храна се троши и се намалува оваа сума, но сепак, од нормативот којшто е 100 денари, 61 денар е многу ниска сума“ – вели Мартина Илиевска од Младински образовен форум.

Во борбата за обезбедување подобри услови пак, цути и корупцијата. Секој трет студент во истражувањето, изјавил дека дал мито за подобра соба или одредени привилегии. Заштитен механизам пак, се чини не постои.

„Правните акти од областа на студентскиот стандард и документите кои што ја уредуваат работата на домовите, не нудат никакви одредби за спречување корупција или за некаква постапка против некој којшто учествувал во корупција.“ – потенцира Јована Ѓорѓиовска од Младински образовен форум.

Директор на Студентскиот центар, најавува нови механизми за борба со корупцијата. Дарио Николовски потенцира дека приоритет се и натрупаните долгови, а за сите останати капитални прашања, вели неговите ингеренции се релативно мали.

„Преку бројките се гледа дека работите се менуваат, можеби промените се случуваат поспоро од тоа што треба. Како директор искрено работат врз основа на сите ингеренции кои ги имам, бидејќи голем дел од работите кои се поврзани со работата на Студентскиот дом не се и во наши ингеренции. Капителните ивнестиции, реновирањата, опремувањата со мебел и слични активности, се во надлежност на Министерството за образование и наука.“ – вели Николовски.

Новото мени за исхрана што го предложил Николовски, се уште чека потпис од Министерството за образование, а засега од таму не добивме одговор каде кочат промените. А токму во МОН, прстот го вперија младите истражувачи кои потенцираат дека главните капитални инвестиции кои се под негова капа, најчесто остануваат само на хартија.

Извор: 24.мк