Истражување: Мнозинството граѓани сметаат дека Уставот не ја ограничува слободата на вероисповед


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Големо мнозинство од 72 проценти од граѓаните сметаат дека Уставот не ја ограничува слободата на вероисповед, наспроти 14 проценти кои рекле дека ја ограничува, покажува истражувањето на Фондацијата „Конрад Аденауер, „ИПИС“ и порталот „религија.мк“ за перцепцијата на граѓаните околу улогата на верските институции и религијата во градењето на меѓурелигискиот соживот.

На прашањето дали некогаш ви била ограничена слободата на вероисповед, 80 проценти од испитаниците одговориле „не“, наспроти 9,2 со „да“ и 10,4 проценти кои не сакале да одговорат.

Прашани дали државата е рамноправна кон сите верски заедници, најмногу 38,6 проценти одговориле „да“, додека 26,1 процент „донекаде да“, наспроти 7,5 отсто со „не“ и 14,7 со „донекаде не“.

Главните поенти од повеќето научни и прецизни истражувања врз методолошки пристап за тоа како и што верниците од различна верска припадност знаат и мислат за различните од себе и за улогата на религијата и општеството се објавени во публикација насловена „Македонија како мултиконфесионално општество – перцепции за влијанието помеѓу религија и државата“.

Според публикацијата, поголем дел од граѓаните се изјасниле дека се суеверни, односно кај граѓаните со православна вероисповед 57 проценти се изјасниле потврдно, додека кај муслиманите овој процент е дури 91 отсто. Кај православните христијани, 19 проценти редовно, а 35 проценти понекогаш постат, додека кај муслиманите овој процент е многу повисок, односно 84 процент редовно и 10 проценти понекогаш постат.

Според анализите во публикацијата, постои одредена разлика меѓу перцепциите и практикувањето на религијата, што е позабележителна кај православните, отколку кај припадниците на исламската вероисповед. Така, околу 80 проценти од муслиманите имаат релативно добри основни познавања на Куранот и обичаите, што е случај со околу 25-30 проценти од православните и основните познавања на Библијата. Муслиманите, исто така, повеќе се запознаени со Библијата или делови од неа, споредено со познавањето на Куранот и основите на Исламот од страна на православните верници, се наведува во публикацијата.