Истражители ги тресеа канцелариите на Европскиот парламент за скандалот со корупција во кој е вмешана грчката европратеничка


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Грчката европратеничка Ева Каили е во срцето на наводниот корупциски скандал кој го тресе Европскиот парламент, а во кој е вмешан и Катар.

Белгиските истражители вчера, на 12 декември, извршија претреси во канцелариите на Европскиот парламент како дел од истрагата за наводна корупција во која беше уапсена една потпретседателка, соопштија обвинителите, пренесе француски Ле монд.

Федералното обвинителство на Белгија соопшти дека целта на претресот во просториите во Брисел е да се одземат компјутерски податоци од 10 вработени во парламентот.

Последниов претрес е 20-ти што се спроведува во Белгија од петокот за наводен поткуп од страна на домаќинот на Светското првенство Катар за да се „исполира“ неговиот имиџ во парламентот.

Потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, беше меѓу четворицата уапсени осомничени и обвинети за корупција од страна на белгиското обвинителство.

Белгиското обвинителство соопшти дека за време на претресите биле пронајдени 600.000 евра во домот на еден осомничен, 150.000 евра во станот на еден европратеник и неколку стотици илјади евра во куфер во хотелска соба.

Грчката социјалистка Каили и другите осомничени што се обвинети ќе се појават во предистражниот совет во Брисел в среда, соопштија обвинителите.

Членовите на Европскиот парламент обично имаат имунитет од судско гонење, но тоа не важи ако осомничениот е фатен на дело, вели Би-би-си.

Обвинителите во Грција, наводно, го замрзнале целиот имот на Каили. Таа, исто така, беше суспендирана од парламентарната група на социјалистите и демократите и исклучена од грчката централно-левичарска партија Пасок.

Претседателката на Европскиот парламент предупреди дека „европската демократија е нападната“, по наводите дека Катар подмитувал претставници на ЕУ за да добие влијание.

Роберта Мецола рече дека „отворените, слободни, демократски општества се на удар“.

Обвинителите и опозициските европратеници рекоа дека оваа истрага за поткуп може да претставува еден од најголемите корупциски скандали во историјата на Европскиот парламент.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, рече дека довербата во европските институции бара највисоки етички стандарди.

„Тоа е прашање на доверба на луѓето во нашите институции и на оваа доверба во нашите институции ѝ требаат повисоки стандарди“, рече таа.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, пак, ја исмејуваше ЕУ откако се појавија обвинувањата.

Објавувајќи на Твитер фотографија од поранешните американски претседатели Роналд Реган и Џорџ Х.В. Буш што често се користи како меме, тој потсети на препораката на Европската комисија да се замрзнат милијарди евра наменети за Унгарија со реченицата: „Европарламентот е сериозно загрижен поради корупцијата во Унгарија“.