Историска прва официјална посета на Македонија: Меркел доаѓа во Скопје


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


В сабота во Скопје, во официјална посета на Македонија, доаѓа германската канцеларка Ангела Меркел. Ако се изземе краткиот престој на бившиот германски канцелар Герхард Шредер во 1999 година, посетата на Меркел е прва официјална посета на германски канцелар во историјата на земјата.

Ангела Меркел в сабота ќе стане првата германска канцеларка која престојувала во официјална посета на Македонија. Од прогласувањето на независноста на Македонија досега, во Германија на функцијата се сменија тројца канцелари: Хелмут Кол, Герхард Шредер и Ангела Меркел, но само Шредер накусо престојувал во Македонија и тоа во контекст на косовската криза во 1999 година.

Според портпаролот на германската Влада, Штефан Зајбер, теми на разговорите на Меркел со македонскиот премиер Зоран Заев ќе бидат „регионалните случувања и билатералните прашања“. Иако за посетата веќе подолго време се шпекулираше во политичките кулоари, засега, ни во Берлин, ниту во Скопје нема подетални информации за агендата на Меркел.

Според неофицијални информации на ДВ, Меркел ветила дека ќе го посети Скопје уште за време на самитот на НАТО во Брисел во јули годинава.

Извесно е дека нејзината посета е директно поврзана со претстојниот референдум на кој граѓаните во Македонија ќе треба да се изјаснат за промена на уставното име.

Меркел и германската политика со години отворено го поддржуваа компромисот во спорот за името меѓу Македонија и Грција.