Историјата на месец септември


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Септември, на латински September, според актуелниот календар кој го користи најголем дел од светот денес, е деветти месец во годината. Името го добил од латинскиот збор за бројот седум – septem.

Името september септември го стекнал во времето кога во најстариот римски календар, календарот на Ромул, бил седмиот, а не деветтиот месец во календарската година. Во овој календар годината се состоела од десет месеци, од кои за прв месец се сметал март, а за последен, десетти, месец – декември (December од decem „десет“).

Кога во времето на Нума Помпилиј годината добила дванаесет месеци, септември, иако веќе не бил седмиот месец по ред, си го задржал името September – „седми“. Не дека немало обиди за негово преименување. Во времето на Тибериј, некој, за да му се додвори на императорот, предложил септември да се преименува во „тибериј“. Скромниот Тибериј одбил. Некоја година подоцна не толку скромниот Калигула во спомен на татко си Германик на септември му го дал името „германик“. Месецот си го носел ова име само додека Калигула бил жив. Неколку децении подоцна, Домитијан извојувал триумф над Германите и, во чест на овој свој триумф, си ја додал титулата Германик. Месецот во кој седнал на тронот, септември, решил да го именува по својата новостекната титула. Така, септември и по втор пат станал „германик“, но повторно само за кратко. Еден век подоцна, императорот Комод на сите месеци им ги сменил имињата. На август му се паднало името „комод“, а на септември – името „август“.

Но, на септември не му било судено да се вика „тибериј“, „германик“ или „август“. Сите обиди за негово преименување биле залудни. Иако со векови бил деветти, а не седми месец во годината, си го задржал името „септември“ – „седми“.

Од September се изведени имињата на месецот септември во многу јазици: англиски – September, француски – septembre, италијански – settembre, шпански – septiembre, грчки – Σεπτέμβριος, руски – сентябрь, унгарски szeptember итн. Во македонскиот јазик, освен во „септември“, латинскиот број septem (седум) преживеал во зборовите: „септет“ – музички состав од седум изведувачи, „септима“ – седмиот степен на дијатонската скала и „септина“ – строфа од седум стиха.

Извор: ΑΡΓΩ