Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Светското фудбалско првенство кое оваа година ќе се одржи во Русија, од 14 јуни до 15 јули, ќе биде смотра на најдобрите светски фудбалски селекции. Во чест на оваа прослава на светскиот фудбал, во продолжение ќе ви ги претставиме низ пресек некои од најитнересните и најважни моменти на некои од минатите Светски фудбалски првенства кои испишаа историја во светот на фудбалот.
Првото Светско првенство беше одржано во Уругвај, а на истото учествуваа 13 репрезентации. На повеќето европски репрезентации им беше финансиски неисплатливо да патуваат преку Атлантикот, па во Монтевидео се појавија само Југославија, Франција, Белгија и Романија.
Уругвај го освои првиот светски фудбалкси трофеј, но челните лица на нивниот фудбалски сојуз веднаш одбија да отпатуваат на наредното Светско фудбалско првенство бидејќи ФИФА одлучи тоа да се одржи на европско тло. Така, Уругвај стана единствената репрезентација во историјата на светскиот фудбал која не ја бранеше титулата светски првак.
Изборот за домаќин на Мундијалот во 1934 година бил исклучително контроверзен. Сè било подготвено Шведска да го организира Светското првенство, но фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини го искористил своето влијание и ги подмитил челниците на ФИФА, првенствено претседателот Жил Риме, па организацијата на Мундијалот во 1934 година им припаднала на Италијаните.
И не било само тоа контроверзно. Покрај трофеојт „Викторија“, кој подоцна беше именуван според самиот Риме, Мусолини нареди да се изработи специјален пехар „Coppa del Duce“, кој ќе биде шест пати поголем од „Викторија“, сè со цел да ја промовира фашистичката идеологија.
На крајот, на завршниот турнир учествуваа 16 репрезентација, а се играше со испаѓање со првиот пораз. Меѓу осумте најдобри влегоа сите европски селекции. Аргентина, Бразил, САД и Египет, кои го претставуваа остатокот од светот, мораа да си одат дома после првите одиграни натпревари.
Мусолини лично ги бирал судиите за натпреварите
Сè во таа 1934 година било подредено на фашистичката идеологија. Пред секој меч играчите биле принудени, наместо вообичаеното отпоздравување на публиката со мафтање, да го изведат Римскиот поздрав (Saluto romano) кој стана стандарден дел од фашистичката иконографија. Луѓето на сила биле носени на стадионите кога играла Италија, а од сите селекции кои учествувале, само Швајцарија имала свои навивачи на трибините, поради близината на швајцарската граница со Милано и Торино, градовите каде играле Швајцарците.
„Имавме чувство дека ФИФА за ништо не се прашува во врска со Мундијалот. За сè се прашуваше Мусолини. Сите одлуки ги носеше тој. Всушност, кога малку подобро ќе размислам, ФИФА не го организираше Светското првенство во 1934 година. Тоа го организираше Мусолини“, години подоцна ќе се правда Риме во врска со најлошо организираниот Мундијал на сите времиња.
Риме бил во право. Мусолини го кажувал последниот збор за сè. Дури и лично ги бирал судиите за натпреварите. Направил сè што е во негова моќ за Италија да ја освои светската фудбалска титула и на тој начин, барем од негова перспектива, да ја докаже пред светот супериорноста на фашизмот. Секако, Италија на крајот победила на Мундијалот благодарение токму на судиите.
Во првото коло било наместено Италија да игра против САД, кои на првенството дошле речиси во својство на туристи. Крајниот резултат од 7:1 за Италија е најдобар показател за тоа.
Во четвртфиналето Италија играла против Шпанија, а после 120 минути резултатот бил 2:2. Но, тогаш не се изведувале пенали, па нова средба била одиграна еден ден подоцна, на која легендарниот Џузепе Меаца го постигна единствениот погодок на дуелот кој, поради тешки повреди, не го завршија тројца шпански играчи (измените тогаш не беа дозволени).
Во полуфиналниот дуел Италија играше против Австрија, а ноќта пред полуфиналето, судијата Иван Еклинд бил на вечера со Ил Дуче. Со голема помош од шведскиот судија, Италија славеше во полуфиналето со 1:0 со погодокот на Енрике Гаита, кој лично Мусолини го доведе од Аргентина, за чија селекција играше на Мундијалот во 1930 година. Секако, ФИФА никој ништо не ја праша за тоа.
Славје после финалето во Рим во тактовите на „Џовинеца“
Финалето се играше на 10 јуни во Рим, на Националниот стадион „Национална фашистичка партија“ (Stadio Nazionale del Partito Nazionale Fascista). За таа цел Дуче ја крена цела држава на нозе. Покрај веќе наброените причини, имше и дополнителни. Противник во финалето им беше Чехословачка, која само ден претходно потпиша договор за сојузништво со СССР, смртниот непријател на Дуче.
Стадионот бил исполнет до последното место и 55.000 луѓе на трибините со нетрпение го чекаа моментот кога Италија ќе биде крунисана со титулата светски фудбалски првак.
Но, во 71-та минута Антонио Пуч ја доведе Чехословачка во водство. И додека навивачите на трибините гледаа со неверување, Мусолини мирно го следеше мечот од свечената ложа. Секако, со дебела причина да биде спокоен. Главен судија на натпреварот беше никој друг, туку Еклинд.
Швеѓанецот се погрижи да им помогне на Азурите да стигнат до изедначување, а погодокот за 1:1 го постигна Рамундо Орси, уште еден играч кој Мусолини им го „грабна“ на Аргентинците. Во почетокот на продолжението Анџело Скиаво погоди за конечни 2:1 за голема радост на цела италијанска нација. По завршувањето на натпреварот, од разгласот беше пуштена злогласната италијанска фашистичка химна „Џовинеца“.
Сепак, она што следеше четири дена подоцна и тоа како влијаеше на судбината на светот. Тој 14 јуни, во Венеција, Мусолини прв пат се сретна со Хитлер, кој дојде да му честита на Дуче за светската фудбалска титула. Хитлер не бил некој фудбалски фанатик, па не му било ни гајле што неговата нацистичка Германија го освои „само“ третото место на првенството. Тој имал некои други преокупации во тоа време.