Историја на Светското првенство: Магија од Роналдињо и патот на Кан од херој до трагичар


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Веќе сме на прагот од почетокот на Светското првенство 2018 кое ќе се игра во Русија. Официјалниот почеток и првиот натпревар се за два дена, па во чест на најновата и веројатно најспектакуларна прослава на фудбалот која фудбалскиот свет ја искусил досега, нудиме уште малку ретроспектива и сеќавања од минатите изданија на Мундијалот.

Овој пат годината е 2002, а локацијата е комбинирана – Јапонија и Јужна Кореја. Еве што го одбележа тоа издание на Светското фудбалско првенство.

Сенегал ја шокираше Франција на стартот

Четири години после неславниот крај на Светското првенство во Франција, Роналдо се врати во Јапонија и Јужна Кореја во полн сјај и со фризурата на годината доминираше на теренот и им ја донесе титулата светски прваци на своите сонародници. Бразилците тогаш потврдија дека Европјаните можат да сметаат на трофеј исклучиво на нивниот континент, а во четвртфиналето, за прв и единствен пат во историјата на мундијалите, играа репрезентации од Европа, двете Америки, Африка и Азија.

Одиме со ред, од почеток. Мундијалот на истокот од Азија почна порано од вообичаеното, а стартот го разубави дебитантот Сенегал кој ги растури светските и европски прваци, Французите. Сенегалците предводени од Ел Хаџи Диуф, на изненадување на сите, подоцна стигнаа до четвртфиналето, па никој не можеше да претпостави дека оваа африканска селекција нема пак да игра на Светското првенство сè до оваа година.

Французите со еден бод и без ниту еден постигнат гол останаа на дното од групната табела и го забележаа најслабиот настап на од сите бранители на титулата во историјата на Светското првенство. Данска го освои првото место во групата, додека Шведска заедно со Англија минаа низ групата на смртта, од која испаднаа Нигерија заедно со првиот фаворит на турнирот, Аргентина. Швеѓаните подоцна испаднаа од Сенегал преку златниот гол на Анри Камара, додека Англичаните ги поразија Данците.

Изненадувањето на претходниот Мундијал, Хрватска, која беше трета во Франција, во 2002 не успеа да ја помине ниту групната  фаза.

Феноменален гол на Роналдињо

Најдобриот гол на турнирот го даде дуелот меѓу Англија и Бразил, а режијата за пресврт ја презеде Роналдињо, упатувајќи шут од слободен удар од скоро 40-тина метри. Дејвид Симан се спремаше за центаршут, но доцна сфати дека топката оди право под пречката за голема радост на бразилските навивачи.

На ова Светско првенство Бразилците, генерално, имаа лесна задача бидејќи беа сместени во група со Турција, Костарика и Кина, а потоа во нокаут фазата ги победија Белгијците и уште еднаш Турција во полуфинале. Токму Турците, заедно со Сенегалците, беа најголемото изненадување и атракција на Мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја. Го фасцинираа светот со квалитетна игра, која ги доведе до одличното трето место во светски рамки. Тимот го предводеше Хакан Шукур, а тука беа и одличниот голман Рушту, Емре, Умит Давала, Хасан Шаш и компанија.

Турција

Во дуелот за третото место Турција беше подобра од еден од домаќините, Јужна Кореја, која претходно исфрли неколку европски екипи. Прво, во групната фаза, ги надиграа Полска и Португалија, а потоа ги елиминираа гигантите Италија и Шпанија. Овие дуели останаа запаметени по жалбите на Шпанија и Италија на судиските водења на натпреварите, а уште порадикален чекор направи газдата на Перуџа, Лучијано Гаучи, кој го отпушти од својот тим стрелецот на победничкиот златен гол за Јужна Кореја против Италија, Јунг-хван Ан. Кореанците подоцна беа запрени од Германците во полуфиналниот дуел.

И Германија лесно мина во групната фаза, каде славеше со 8:0 против Саудиска Арабија. На тој дуел пет гола постигна фантастичниот Мирослав Клосе, а кој не успеа да постигне ниту еден гол во преостанатите натпревари на Светското првенство, иако Германија стигна до големото финале. Ги победија и Американците, Парагвајците и Кореанците, но во финалето едноставно беа немоќни пред Бразилците. Во текот на Мундијалот Германија беше носена на крилата од фантастичните одбрани на Оливер Кан, кој подоцна беше прогласен и за најдобар играч на Мундијалот. Но, истовремено, во финалето тој беше трагичар за својата репрезентација, подарувајќи му погодок на Роналдо.

Осумте гола на Роналдо

Во финалето Роналдо постигна два гола, заокружувајќи го својот голгетерски учинок на осум мундијалски погодоци, а освен по одличната игра, тој ќе остане запаметен и по необичната фризура од тоа првенство.

„Тогаш ја влечев повредата на ногата за која сите зборуваа. Одлучив да се пострижам и да го оставам тој мал детал. Дојдов на тренинг и одеднаш сите почнаа да зборуваат за мојата нова фризура. Сите толку беа преокупирани со мојата фризура, што заборавија на мојата повреда. Мене тоа ми даде спокој и ми овозможи повеќе да се фокусирам на тренинзите. Не сум горд на таа фризура, знам дека беше чудна, но тоа беше начин да го тргнам вниманието од повредата“, неодамна објасни фудбалската бразилска легенда.

Ривалдо и Клосе го поделија второто место на листата на најдобри стрелци со по пет гола, а Јон Дал Томасон од Данска и Кристијан Виери од Италија беа трети со по четири погодоци.

Уште еден интересен податок е дека финалниот дуел помеѓу Бразил и Германија, истовремено, беше и прва средба на овие два фудбалски мастодони на некое Светско првенство, иако станува збор за репрезентации кои имаат играно на најмногу такви турнири, имаат најмногу одиграни натпревари и најмногу завршници на мундијалите.

Бразилците ова Светско првенство го завршија супериорно, со сите седум победи од седум одиграни натпревари, иако на истото се пласираа со многу среќа, во последното коло од квалификациите.