Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Германската канцеларка Ангела Меркел го кажа својот последен збор од позиција на претседателка на германската ЦДУ, збогувајќи се од лидерската функција во партијата со емотивен говор на партиското собрание.
Таа рече дека ѝ било чест дека имала можност 18 години да биде на водечка позиција во партијата. „Имам чувство на благодарност, ми беше голема чест. Сега е време да отвориме ново поглавје“, рече таа.
По прошталниот говор, Меркел е поздравена со десет минутен аплауз, а некои делегати носеле транспаренти „Ви благодариме, шефице!“
Во своето обраќање, Меркел се осврна и на се посилната десница АфД, велејќи дека она што ги карактеризира демократите е тоа што се разликуваат едни од други, но никогаш никого не отфрлаат.
„Ние демократите понекогаш се караме, но никогаш не сееме омраза против другите ниту ги понижуваме другите“, нагласи таа, додавајќи дека ЦДУ секогаш им служи на граѓаните на Германија.
По повод слабите резултати во истражувањето, Меркел апелираше до партиските колеги да покажат што знае ЦДУ.
„Нашата ЦДУ денес е поинаква од онаа во 2000 година, и тоа е добро. ЦДУ 2018 има право да гледа во иднината со нови ‘глави’, структури, но со исти вредности што ги застапува“, рече Меркел.
Таа, воедно ги бранеше сите мерки кои ги презела за време на водењето на партијата, укажувајќи особено на укинувањето на воената обврска и воведувањето „Хартц 4“ социјалната помош.
Според неа, „Хартц 4“ бил вистински одговор на петте милиони невработени лица.
„Поддржавме вистинска реформа“, нагласи Меркел.
Кога станува збор за укинувањето на воената обврска, таа истакна дека се работи за вистински чекор, кој е јасен одговор на променетата меѓународна безбедносна ситуација.
Таа оцени дека собранието на партијата е можност да се постават насоки за посилна ЦДУ.
Таа потсети дека во Германија во изминатите 70 години ЦДУ/ЦСУ е на власт 50 години и дека има намера да продолжи да се грижи за земјата.
„Имаме сила да победуваме на изборите ако одлучно и единствено се бориме“, рече таа.
Сепак, таа ги критикуваше расправиите меѓу ЦДУ и коалициониот партнер ЦСУ.
„Каде нѐ носат континуираните кавги силно осетија ЦДУ и ЦСУ“, рече Меркел.