Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Обвинителот Ислам Абази, кој денеска беше избран за нов шеф на Јавното обвинителство за гонење дела од организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), делува прилично анонимно со оглед на фактот дека нема никакви податоци на сајтот на Вишото јавно обвинителство Гостивар коешто го водеше до денеска – стои само дека е раководител на Обвинителството и нема други детали, пишува „Телма“.
Обвинителот е родум од Зајас, родното место на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Абази на изборот, кој првпат беше директен, со гласање на сите обвинители од земјава, победил со 66 гласови наспроти 64 на неговиот противкандидат од скопското обвинителство – Ермон Незири.
За Абази, чијшто избор експресно преку Фејсбук го поздрави заменик-министерот за правда, Агим Нухиу, нема ниту фотографија на веб сајтот ниту по интернет. Мистериозниот обвинител не се појави ниту на единственото соочување на 4-цата кандидати кои се бореа за местото-шеф на обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ниту пак даваше изјави за медиумите. Никој не слушна на кој начин ќе се бори против организиран криминал и корупција.
Повеќе од 40 отсто од активните 163-ца обвинители одлучија да го изберат Абази за функцијата, иако тој не претстави никаков јавен план за борба против организираниот криминал во земјава. Останати кандидати беа суспендираната досегашна шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, која добила 14 гласови и Деса Пауновска.
По инагурацијата на Абази,тој ќе мора да ги работи и на предметите кои ѝ беа одземени на Русковска – едниот за Финансиската полиција и нејзиниот поранешен шеф Арафат Муареми и вториот за „Беса транс“ и техничкиот преглед на автобусот кој изгоре во Бугарија.
„Телма“ пишува дека иако Абази добил многу гласови, неколкутемина обвинители кои ги контактирала телевизијата не знаеле многу за победникот. Никој не знаел кога тој бил избран во Вишото јавно обвинителство. Според сознанијата на телевизијата, Абази работел во Агенцијата за цивилно воздухопловство во Скопје како правник. Станал стручен соработник во кичевскиот суд. Потоа бил избран за обвинител во Основното јавно обвинителство во Кичево, по една година експресно бил избран за обвинител во Вишо јавно обвинителство-Гостивар.
Брзата кариера, обвинителот од Зајас дополнително ја засилува во 2018-та кога е избран за раководител на Вишото гостиварско обвинителство.
Во мандатот на раководител според имотните листови може да се види дека во 2019-та (една година по изборот за шеф на гостиварско Вишо обвинителство) Абази се преселил од Зајас во Кичево бидејќи за 60 илјади евра купил стан од 105 квадрати. Неговата сопруга се подновила со автомобил „Ситроен“ во истиот период, а тој лично „Голфот“ си го сменил со „Ауди“.
Абази е спомнат во едно истражување на ИРЛ: тој му дал максимална оценка на гостиварскиот обвинител Арсим Адеми за кандидатурата на претпоследниот избор за обвинител за организиран криминал. Адеми беше обвинителот кој се спогоди со Зоран Милески Кичеец за тој да добие само шест месеци затвор за тешката сообраќајна несреќа со еден загинат и седуммина тешко повредени. И покрај жалбите на сопругата на загинатиот, Абази му додели на колегата Адеми највисока оценка.
Анонимниот и мистериозен обвинител од Зајас (родното место на Али Ахмети) успеа „од темнината“ и без да се појави и да каже некаков план за борбата против организираниот криминал и корупција, да ги убеди најголем дел од обвинителите дека е најдобриот кандидат за шеф на ОЈО ГОКК, пишува „Телма“.