Искуство на мајка на предвреме родено дете


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Кога би започнала разговор на темата предвремено родено дете мислам дека и би немало крај.

Јас сум Христина Анѓелкоски, мајка на предвремено родено дете Леонид, мојот херој.

Како мајка на прематурче можам книга да пишувам за сето она што го имаме поминато до сега, но тоа ќе го оставам за понатака, можеби еден ден кога ќе ги пораснам децата, во мир и тишина ќе најдам простор за себе си и за тој момент.  Животот ставен на лист хартија, а до тогаш, ќе продолжам да ги растам своите деца со ова исто темпо, без застанување, во игра, активности, и голема посветеност.

Многу работи ми се променија откако се роди Леонид, станав похрабра, поиздржлива, борец, заедно со него, пораснав, созреав.

Предвремено роден во 31ва гестациска недела со 1690 грама, 35 дена во инкубатор. 35 дена како вечност, како времето да беше застанато. Стрес, бунило, беспомошна, запоставено прво дете, лежење по болници, трчање по ходници, безбројни звонења на телефон за барање инфо дали е сѐ во ред со него и на крај никој не ти крева слушалка. Изгубено млеко од преголем стрес, после прележана сепса итн. итн.

Да, се избори јуначки, а и јас со него. Не дозволив стресот да ме победи мене, ние успеавме го победивме него. Успеав да реактивирам млеко и од прв ден кога си дојде дома да цица како маче без сила, како јагне. И така успеав, го кренав.

Чекоревме напред кон нови патеки. Нови предизвици.

Морам да напоменам дека во ова чекорење и во овие моменти најважна е поддршката од најблиските, разбирањето, но и постоење на личности до тебе кои го поминуваат истиот пат и кои можат и знаат да те разберат, да ти бидат рамо за плачење и заедно да се кревате. За моја среќа јас такви имав до себе и бескрајно сум благодарна на сите тие мајки кои заедно бевме таа година и несебично си бевме најголема поддршка една со друга.

Патот беше мачен, моравме да посетуваме редовни рутински контроли, редовно следење на растот и развојот во Центарот следење на раст и развој на деца родени во ризик. Имавме одлично напредување, одлични резултати. Се додека јас не појавив некој свој мајчински инстинкт од внатре дека нешто кај ова дете недостасува, но не знаев. Можеби дека имам прво дете па можев да направам споредба. Одлучив да чекам до 2 години, па после тоа да почнеме да посетуваме специјални институции, така и направив.

Кај нас во Македонија има Завод за рехабилитација на слух говор и глас. Таму прават детално испитување од тим на стручни лица и на детето му одредуваат одредена дијагноза и даваат правец што понатака.

Кај Леонид се констатира дека има одреден застој во развојот, па со тоа треба да почнат да работат со него тим на лица кои ќе го работат со вежби и со тоа ќе влезе во раноразвојна интервенција која е од 0 до 3 години и тоа ќе биде процес каде детето ќе може одлично и брзо да го совлада овој пат. Започнавме со вежби и само што влезе во шема и даде некој знак за напредок, настана ситуацијата со короната и моравме да се затвориме дома. Но, јас тука не застанав. Продолживме напред и со многу труд, посветеност и работа ние секојдневно постигнуваме резултати. Чекориме напред кон успехот и знам дека со многу работа, труд и посветеност резултатите се загарантирани. Со вежби и изработка на активности соодветни на неговата возраст,ние продолжуваме и понатака да чекориме на патот кон освојување на врвот.