„Исклучените“ нема да гласаат за одземање на мандатот на Груевски – без нив нема мнозинство


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Осумте бивши пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои беа исклучени од партијата после гласањето за уставните измени, и кои формираа своја пратеничка група во рамки на собранискиот состав, во петокот излегоа со изјава дека нема да гласаат за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски.

Без нивниот глас, владејачкиот пратенички состав нема двотретинско мнозинство во Собранието за одземање на мандатот на пратеникот Груевски, како што побара Основниот суд Скопје 1, откако стана правосилна пресудата од 2 години затвор во случајот на СЈО „Тенк“.

Сепак, Собраниската комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во вторник во 12 часот ќе одржи седница на која ќе расправа за Предлогот за одземање на мандатот на Груевски. Комисијата треба да одлучи дали ќе му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски поради направено кривично дело, односно дали поради тоа е недостоен за вршење на пратеничката функција. Тоа е еден од условите предвидени во собранискиот Деловник за одземање на пратеничкиот мандат.

Груевски треба да се пријави на издржување на казната во затворот „Шутка“ најдоцна до 8 ноември.

Одлуката на комисијата потоа се препраќа до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ја става како точка на дневен ред на прва наредна седница. За да се одземе пратенички мандат потребно е двотретинско мнозинство во Собранието.