ИСИС сепак не го уништиле Палмира – стариот град во многу подобра состојба


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Поголемиот дел од стариот град во Палмира е недопрен, а древните артефакти се во многу подобра состојба отколку што се очекуваше, изјави директорот на сирискиот Оддел за антиквитети Мамун Абдулкарим.

Тој нагласи дека откако сириските сили ја освоиле Палмира, која од мај минатата година беше под контрола на групацијата Исламска држава, Одделението за антиквитети ќе се обиде да ги обнови реликвиите, кои се уништени од страна на џихадистите, пренесува Танјуг.

– Го очекувавме најлошото, но градот во суштина е во добра состојба. Можевме целосно да ја загубиме Палмира, рече Абдулкарим.

Џихадистите во Палмира, која Сиријците ја нарекуваат „бисер на пустината“, го уништиле главниот храм Бел и светилиштето Бал Шамин, како и неколку погребни кули, што сунитските муслимани го сметаат за богохулење.

Тие римскиот амфитеатар го користеле за погубување, а тука го убиле и 82-годишниот поранешен шеф на антиквитетите во Палмира.

– Голем број важни урнатини, како што се Агората, римскиот театар и градските ѕидини, се само незначително оштетени, наведе тој.

– Добрата вест се однесува и на Лавот Ал-Лата, познатата 15 тони тешка статуа на лав, која е уништена во јули минатата година, рече Абдулкарим. Тој додаде дека скршените делови можат повторно да се состават и напомена дека со ОН ќе разговара за обнова на два храма.

Рускиот претседател Владимир Путин и генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова се договорија дека Москва, Дамаск и Агенцијата на ОН што е можно поскоро ќе изработат план за обнова на градот Палмира.