Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Убиството на генералот Касем Сулејмани, командант на силите Кудс на Иранската револуционерна гарда, кое американските воени сили го извршија со помош на беспилотно летало, светот во новата 2020 година го воведе како многу поопасно место. Ова убиство претставува драматична ескалација во судирот меѓу САД и Иран, а последиците од тоа допрва ќе се очекуваат и се предвидуваат, пренесува Мкд.мк.
Се очекува одмазда. Верижната акција и одмазда може да ги доближи двете земји до директен судир. Иднината на Вашингтон во Ирак може да биде доведена во прашање. А стратегијата на претседателот Трамп за регионот – ако воопшто ја има – ќе биде тестирана како никогаш досега, вели Би-би-си.
Филип Гордон, кој беше координатор на Белата куќа за Блискиот Исток и Персискиот Залив во администрацијата на Обама, го опиша убиството како „директно објавување војна“ на Американците кон Иран.
Кудс е гранка на иранските безбедносни сили одговорна за операции во странство. Со години, без оглед дали во Либан, Ирак, Сирија или на друго место, Сулејмани беше клучен поттикнувач на ширењето на влијанието на Иран преку планирање напади или зајакнување на локалните сојузници на Техеран.
За Вашингтон тој беше човек со американска крв на рацете. Но во самиот Иран беше популарен. А во практична смисла, тој ја водеше борбата на Техеран против широката кампања на притисок и санкциите наметнати од САД.
Она што изненадува не е дека Сулејмани беше трн во окото на претседателот Трамп, туку зошто САД го убија токму сега.
Техеран беше обвинет за серијата ракетни напади врз американските бази во Ирак. Беше убиен еден американски цивилен изведувач. Но претходните ирански операции – против танкерите во Заливот; соборувањето американско беспилотно летало; дури и големиот напад врз саудиската нафтена постројка – сите поминаа без директен одговор од САД.
Што се однесува на ракетните напади врз американските бази во Ирак, Пентагон веќе претходно ѝ возврати на проиранската милиција за која се верува дека стои зад нив. Ова предизвика потенцијален напад врз комплексот на американската амбасада во Багдад.
Во објаснувањето на одлуката за убиство на Сулејмани, Пентагон се фокусираше не само на неговите минати дејства, туку и инсистираше дека целта на нападот била да се спречи. Генералот, се вели во изјавата на Пентагон, „активно развиваше планови за напад врз американски дипломати и членови на службата во Ирак и во целиот регион“.
Големото прашање е што точно ќе се случи сега. Претседателот Трамп ќе се надева дека со една драматична акција тој истовремено го заплашил Иран и им докажал на своите сè понезгодни сојузници во регионот, како Израел и Саудиска Арабија, дека американското одвраќање сè уште функционира. Сепак, речиси е незамисливо Иран воопшто да не возврати, дури и ако не возврати веднаш.
Петте илјади американски војници во Ирак се најочигледната потенцијална цел. На нишан може да бидат и целите гаѓани од Иран или неговите сојузници во минатото. Тензиите ќе бидат поголеми во Заливот. Не е ни чудо што веднаш се вивнаа цените на нафтата.
САД и нивните сојузници ќе внимаваат на својата одбрана. Вашингтон веќе испрати мали засилувања во својата амбасада во Багдад. Доколку има потреба, ќе се планира зголемено присуство во регионот.
Но подеднакво е можно одговорот на Иран да биде во извесна смисла асиметричен – со други зборови, не само напад за напад. Можеби ќе се обиде да игра на широката поддршка што ја има во регионот – токму преку застапниците што Сулејмани ги изгради и ги финансираше.
На пример, тоа би можело да ја обнови опсадата на американската амбасада во Багдад, ставајќи ја ирачката влада во тешка позиција и доведувајќи го во прашање американското присуство таму. Може да предизвика демонстрации на друго место како покритие за други напади.
Нападот врз командантот на силите Кудс беше јасна демонстрација на американските воени разузнавачки капацитети. Многумина во регионот нема да жалат поради неговото загинување. Но дали ова беше најпаметната работа за претседателот Трамп?
Колку е добро подготвен Пентагон за неизбежните последици? И што точно ни кажува овој напад за целокупната стратегија на Трамп во регионот? Дали тоа на кој било начин се промени? Дали има нова нулта-толеранција кон иранските операции?
Или едноставно американскиот претседател отстрани еден ирански командант за кој мислеше дека е „многу лош човек“.