Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Инцидент со полициската патрола којшто се случил во скопската општина Арачиново продолжува да ја бранува јавноста, а бројните нејаснотии и штури информации околу случајот само дополнително ги подгреваат шпекулациите.
Според неофицијалните информации посочуваа дека полициска патрола била протерана од скопско Арачиново од вооружена група, од МВР велат дека таков настан не е пријавен кај нив, пренесува Дојче Веле.
Како што објавија некои медиуми, во текот на вчерашниот ден, во скопско Арачиново четири полициски службеници на полициски пункт сопреле возило управувано од лице без никакви валидни документи. Лицето, според овие наводи, упатило навреди кон полициските службеници, по што побегнало од местото на настанот.
Опозицијата обвини дека криминалци бркаат полицајци во Арачиново, за што одговорност и оставка треба да понесе министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој, пак, вели дека се пренагласени информациите дека имало оружје и пукање во инцидентот. Тврди дека нема пријава за настанот од страна на полицајците кои наводно биле пресретнати од непозната група, но постапува по дојава за недолично однесување на полицајците коишто биле на пунктот таа вечер.
„Немаме пријава од полициски службеници, ниту од граѓани дека имало напад, па макар и вербален. Но, има пријава за недолично однесување на полицајците коишто биле на терен. Се вршат проверки од страна на крим-полиција и внатрешна контрола на МВР, изјави денеска Спасовски.
„Криминалци бркаат полицајци. Упаѓаат вооружени во полицијата во Арачиново и полицајците бегаат, биле избркани од полициско одделение.Четворица полицајци добиле наредба од претпоставен да се повлечат од полициски пункт, и од Арачиново да заминат во Гази Баба, само затоа што е направена контрола. Сопреле возило без валидни документи“, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата обвини дека станува збор за вооружена група блиска до власта.
Тој ги повика професионалците во МВР да преземат мерки за заштита на јавниот ред и мир, во насока на заштита на медиумите, но и за ставање крај на политичките злоупотреби на полицијата, да застанат во функција на обезбедување на јавен ред и мир и справување со енормно нараснатиот криминал и да го расчистат случајот.
Тој ги повика и новинарските и медиумските здруженија да се охрабрат и да реагираат во заштита на новинарите и медиумите коишто ја пренесоа информацијата за Арачиново, откако дел од нив се пожалија дека имале притисоци.
Веста ја објави телевизијата Телма, која повикувајќи се на неофицијални извори информираше дека синоќа полициска патрола била протерана од скопско Арачиново од вооружена група. Полицајците биле избркани во Гази Баба откако претходно се обиделе да запрат возило кое било управувано од лице што не поседувало документи. Тој побегнал, а откако патролата тргнала по него била пресретната од вооружена група по што морала да го напушти местото, се наведува во веста.
„Нема друг таков случај во светот. И Спасовски и МВР повторно се обидуваат да го забошотат и да го премолчат случајот“, обвини Стоилковски.