Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Изминатите денови во македонската спортска јавност актуелана е „војната“ помеѓу кошаркарската федерација и МЗТ Скопје по одлуката сезоната да се прекине и во неа да не биде прогласен шампион.
Денес за сајтот на федерацијата првиот човек, Перо Антиќ даде големо интервју во кое зборуваше на разни теми.
ИНТЕРВЈУТО ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
„Има многу позитивни работи кои ги направивме во оваа година и покрај тоа што немавме среќа, па последните три месеци, како и сите, речиси не функционираме поради кризата со корона вирусот. Знаевме дека ќе биде тешко иако, да бидам искрен, не до толку.
Федерацијата ја преземавме во многу лоша состојба, но тоа беше уште поголем предизвик и за мене и за соработниците. Повеќе од 80% од планираната програма е завршена, останаа уште некои работи кои моравме да ги запреме или блокираме поради пандемијата со корона вирусот.
Уште, што се вели, практично и не почнавме со работа, нè снајде проблемот со АВ Охрид кој го откажа своето учество во лигата. Сето тоа на само една недела пред почетокот на сезоната. Моравме да бараме други решенија, да одлучиме колку екипи ќе играат во Првата лига, имавме притисоци од сите страни, но останавме доследни на себе и на своите ставови.
Aнтиќ како што истакна донеле врвни тренерски имиња, а се преговарало и со Жељко Обрадовиќ.
Успеавме во Македонија да донесеме голем број врвни тренерски имиња, од Октај Махмути, Душан Ивковиќ, се договараме и со Жељко Обрадовиќ, ќе дојде и директорот на Јуниор НБА, Џеремаја Босвел, планираме индивидуални тренинзи со посредство на нашиот стручњак Ефтим Богоев кој работи во САД.
Тие што се во кошарката добро знаат што сме направиле и дали е тоа лошо или не. Секогаш ќе има опозиција, секогаш ќе има негативни коментари, тоа е составен дел од ова општество. Ние знаеме со што и против кого се бориме, но си ја гледаме својата работа и засега сме задоволни.
Се што имаме ќе презентираме на годишното Собрание кога ќе имаме можност да го организираме. Сега тоа не е можно, забранети се собири во затворен простор, па ќе почекаме некои подобри времиња за да дадеме отчет за сработеното во првата година од мандатот“ – вели првиот човек на федерацијата.
Секако во интервјуто Антиќ зборуваше и за ситуацијата со МЗТ Скопје.
„МЗТ Скопје треба да сфати дека ова е тимски спорт и дека не е сам во лигата. Тој е клуб со најдобри услови за работа и најдобри резултати последните години, тоа јас не можам да го негирам. Со години е единствен што нè претставува во меѓународните натпреварувања, а учеството во АБА лигата го сметам за многу важен елемент, во период кога Евролигата или ФИБА се недостижни за нас.
Но, мора да се знае дека во лигата постојат и Вардар и Академија ФМП и Пелистер и други, и кон сите треба да имаме ист однос. Сите да имаат исти обврски и исти привилегии. Федерацијата без клубови не може, клубовите без федерација не можат. Тоа е јасно, и го кажав тоа уште кога ја презедов функцијата.
МЗТ Скопје ги има сите бенефиции како да ја освоил титулата, иако првенството не е ни 50% одиграно, ни според натпреварите, ни според периодот на играње. Не се поминати седум, туку речиси четири месеци и 17 кола. Прво сакаа да се добие шампион надвор од терен, па кога не добија поддршка, предложија да се доигра остатокот од сезоната. Тоа не е возможно бидејќи странските кошаркари не се во земјава и не постојат услови да се вратат. Побараа да се воведе дополнителен преоден рок, но тоа не беше возможно, токму бидејќи сите сме еднакви и не може правилата да се менуваат на кого како ќе му текне.
Купот не се одигра, за да и се даде приоритет на репрезентацијата. Тогаш не претпоставувавме дека ќе излезе овој сериозне проблем со пандемихата на корона вирусот. Но му излеговме во пресрет и на МЗТ Скопје кој во тој период имаше важни натпревари во АБА 2. Дури дозволивме тренери од МЗТ да не отпатуваат со националниот тим во Перм на дуелот со Русија, за да се подготват за дуелите во АБА 2.
Но, тоа е начинот на кој треба да се работи, да си помагаме едни на други за да излеземе посилни, а од тоа ќе има корист македонската кошарка. Ние така во 2011 година го освоивме четвртото место на Европското првенство во Литванија. Немавме голем буџет, немавме ѕвезди, но функциониравме како еден-тимски“.
Како Антиќ гледа на притисокот од страна на клубот од Аеродром кој е еден од нашите најтрофејни?
„Жал ми е што луѓето од МЗТ Скопје Аеродром така се однесуваа(т) кон нас. Почнаа војна, не дојдоа ни на разговор. Од нас немаше ниеден одговор, односно било каква провокација кон клубот. Дури и тогаш кога за мене зборуваа дека не постојам, и дека не сакаат никаква комуникација со федерацијата. Сите што сме инволвирани, треба да знаеме дека кошарката не почнала од нас и дека таа ќе се игра и откако ќе си заминеме од функциите. Единствено што сакам, уште еднаш да нагласам, дека треба да работиме за општото добро, за доброто на македонската кошарка, за сите да имаме бенефит“ – потенцира Антиќ.
За Втората лига рековте дека постои опција да се доиграат натпреварите по скратен систем како би се одлучиле најдобрите. Што се случува во тој поглед?
„Планот беше до крајот на јуни да се доигра Втората лига во изменет формат кој требаше да го дефинираме заедно со претставниците на клубовите и претседателот на Здружението. За жал, последните денови е драстично влошена состојбата со корона вирусот во земјава поради што сметам дека ќе биде многу тешко да се добие епилог на теренот.
Ќе треба да се најде друго решение, евентуално двете првопласирани екипи од лигите да влезат во Прва лига, но ништо во моментов не е сигурно. Дополнително ќе разговараме на таа тема“ – објаснува Антиќ и додава:
„Сличен е случајот и со младинските лиги, сакавме да играат преку летото за да не се почувствува долгата пауза кај младите кошаркари во оваа фаза од нивните кариери. Таму настапуваат само домашни играчи и ваквата ситуација може да биде хендикеп на долг рок. Федерацијата имаше план како работно да го поминеме летото, но сега сето тоа паѓа во вода затоа што постојано ги следиме препораките на здравствените работници. Требаше да се играат турнири. Требаше ’децата’ да работат индивидуално, салата во СРЦ Кале е наша, но и таа е затворена за групни тренинзи. Ќе се обидеме да им обезбедиме барем по двајца да работат во еден термин. Ако треба и 24 часа салата нека биде зафатена, само репрезентативците да немаат пауза, секако и другите кошаркари.
Истото важи и за сениорската репрезентација. Националниот тим требаше да се собере затоа што ноемврискиот прозорец на ФИБА најверојатно ќе биде поместен и практично, сениорите ќе бидат без собир една година“.
Ова лето нема да ги видиме најдобрите машки репрезентации од Европа до 16 години со оглед на тоа дека пандемијата ги откажа Европските младински првенства. Каков хендикеп ќе биде тоа за федерацијата?
„Многу се боревме за тоа Европско првенство, за среќа, имаме големи пријатели во ФИБА кои добро нè познаваат и нас, а и Македонија како организатор на вакви настани. Жалам за генерацијата 2004, таму има многу големи таленти кои требаше да излезат на површина на ова првенство. Не ми е криво за финансиите што ќе ги загубиме со неодржувањето на тоа првенство, туку многу повеќе што нашите млади кошаркари ќе останат незабележани од скаути и тренери бидејќи тоа беше добра можност да бидат видени на врвно европско натпреварување.
Резултатот од првенството кај мене е во втор план. Поважно ми е македонските кошаркари да созреат, да стекнат самодоверба, а тоа се прави само со играње против квалитетни ривали. Не сакам никого да потценам, но важно е да се игра со репрезентации како Шпанија, Србија, Израел… Додека не излезат со нив на мегдан, нема да бидат свесни за своите квалитети и можности“ – вели Антиќ.
Каков е вашиот став за меѓународните клупски натпреварувања? Првпат по осамостојувањето на Македонија, постои можност осум или девет екипи да играат на меѓународна сцена. Четири места ни обезбеди ФИБА преку Лигата на шампионите и по две АБА 2 и БИБЛ. Останува шансата МЗТ Скопје да заигра во АБА 1, но и преговорите за формирање заедничка лига со Бугарија, Србија и Грција.
„Сите во Федерацијата напорно работиме за да се оствари ова и би сакале да се искористи шансата. И не е само тоа, туку се обидуваме да избуткаме уште една екипа во АБА 2 со специјална покана. Од општ интерес на македонската кошарка е да имаме колку е можно повеќе претставници на меѓународна сцена, затоа правиме напори да бидеме инволвирани и да излеземе во пресрет на сите што им треба помош.
Добро е да се вклучи и државата затоа што знаеме дека на сите им се потребни пари за да егзистираат и бележат успеси. Им помагаме на клубовите и во врска со ваучерите, бидејќи некои не успеваат во целост да ги искористат средствата кои ги нуди овој систем. А јасно е колку се тие потребни, особено ако сакаат да играат надвор од земјава“.
Не е работа на Федерацијата, но реално ли е да се очекува толку голем број на учесници во меѓународни натпреварувања и како ќе се склопи распоредот за новата сезона?
„Секојдневно сум во контакт со претседателот на Кошаркарската федерација на Бугарија, Георгиј Глушков во врска со формирањето регионална лига во која ќе учествуваат македонски и бугарски, а можеби и грчки и српски клубови. Засега сè е во почетна фаза, се спомнуваат ПАОК и Арис, од Бугарија се Левски Лукоил, Берое… интенцијата е сите што ќе учествуваат да бидат во некое ’растојание’ од најмногу 400 километри од Солун. Можеби ќе биде тешко да се вклопи распоредот ако поголем број македонски екипи учествуваат на македонска сцена, но повеќе работи на оваа тема ќе се знаат по 15 јули“ – открива Претседателот на КФСМ.
Реална ли е можноста повторно да имаме екипа во елитната дивизија на АБА, преку МЗТ Скопје Аеродром кој би влегол на местото на Приморска?
„Многу се големи шансите за тоа. И ние навистина правиме се што е во наша моќ да помогнеме. Постојано комуницирам со Небојша Човиќ, првиот човек на Црвена Ѕвезда, со директорот на Игокеа, Вук Радивојевиќ. Од секоја страна се обидувам да извршам ’притисок’ и да помогнам колку што можам, без разлика на личните односи во моментов со раководството на клубот од Аеродром. Тврдам и секогаш ќе кажувам дека МЗТ Скопје го заслужува тоа, а го заслужува и Македонија поради целата кошаркарска традиција што ја има“ – завршува Антиќ