Инспектори ја проверуваат цената на лебот – дел од рафтовите останаа празни, повеќе пекарници не пуштија леб со замрзната цена


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На првиот ден од стапување на сила на владината одлука цената на белиот и полубелиот леб да се замрзне на 33 денари, над 150 инспектори од Државниот пазарен инспекторат од утринава се излезени на терен и прават контроли во маркетите и пекарниците.

Инспекторите проверуваат дали се почитува одлуката на Владата за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб и дали тој се продава по цена од 33 денари. Инспекторите, исто така, ќе проверуваат и кои маркети не добиле леб поради најавените закани на производителите дека нема да вршат достава на бел и полубел леб ако Владата ја замрзне цената.

Оттаму велат дека зависно од тоа што ќе се утврди на терен ќе се донесе одлука како ќе се постапува понатаму и дали ќе има казни за оние што не ја почитуваат одлуката.

Утринава полиците за леб во повеќето продавници останаа празни. Единствено можеше да се најде леб што од вчера останал непродаден или, пак, од посебните видови кои се донесени пред неколку дена. Од неколку маркети што ги контактиравме добивме одговор дека утринава дистрибутерите не донеле бел и полубел леб.

„Нема леб у оваа држава’; ‘Владата си го одржа зборот, ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб!’; ‘Пекарската индустрија исто така си достоја до зборот, нема леб по рафтовите во продавниците’; Си ги ‘мерат’ врз грбот на народот’; ‘Ако у сред криза малите пекари можеа да продаваат евтин леб, можат и големите’; ‘Малите испаднаа народни луѓе’; ‘Плачењето не ви помага, не е ова прво воено профитерство на овие простори, многу добро знаеме како функционира тоа’“, се само дел од реакциите на Твитер.

„Макфакс“ пренесува дека посетиле во две познати скопски фурни. Во едната рафтовите беа полни со полубел и бел леб, кој се продаваше и под замрзнатата цена, односно за 32 денара. Овде имаше редица за купување. Во друг објект на истата пекарница, каде што на самото место се произведува лебот, рафтовите беа празни онаму каде што треба да стои лебот, кој денес е со замрзната цена.

Многумина од производителите денеска ја реализираа заканата дека нема да произведуваат и да носат леб на пазарот по укинувањето на субвенцијата за струја и по замрзнувањето на цената на лебот од страна на Владата.

Замрзнувањето на цената министерот за економија Крешник Бектеши ја оправдува со анализите што ги имаат направено во соработка со Државен пазарен инспекторат и со одредени пекарници, членки на групацијата на пекарници во нашата држава.

Според математиката што ја објасни Бектеши, за брашно, квасец, сол и адитиви потребни се 9,5 денари, за енергија и работна рака 5,7 денари, за транспорт и пакување шест денари и вкупната производна цена е 21,2 денари. На оваа цена се додава заработката на пекарите која е шест денари. Кога ќе се достави во маркетите, на таа цена од 27,2 денари се додава пет отсто маржа и уште пет отсто ДДВ. Крајната цена во маркетите е 32 денари.