Иницијативата за една изборна единица преминува во предлог-закон


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


15 пратеници упатија закана до големите политички партии дека нема да го гласаат Изборниот законик ако во него не се вметнат барањата за една изборна единица без изборен праг, отворени листи и 50 процентна застапеност на жените.

Иницијативата за промена на изборниот модел со една изборна единица наместо со сегашните шест, зад која застанаа 15 пратеници, во најскоро време ќе поднесе закон за измени на Изборното законодавство во кој ќе се имплементира нивното барање за кое имаат поддршка и од владејачката СДСМ, пренесува Радио Слободна Европа.

Претседателката на ДОМ Лиле Попова изјави дека ова било договорено на денешната дебата во Собранието на тема „Промена на изборниот модел од шест во една изборна единица и отворени листи“.

Пратениците кои доаѓаат од помалите партии бараат гаранции дека нивните барања ќе се вметнат во законот за наредните избори, ако нема време за измени пред закажаните предвремени избори напролет.

Пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ во текот на дебата изјави дека малите партии приредуваат фарса, затоа што барањето им е за следните локални избори, а не за овие кои следат, додавајќи дека при доаѓање во салата од протоколот била прашана дали е претставник на Мицкоски.

„Не, не ме прати Мицкоски, сама дојдов. За жал Мицкоски нема свој претставник овде, јас не сум неговиот еклантанетн претставник затоа што јас нема да го поддржам мнозински изборен модел. Ги замолувам граѓаните „не дозволувајте клиентелизмот да владее во нашата држава!“ Моите колеги се плашат дека ако поддржат некој друг изборен модел нема да се најдат на изборните листи и нема да бидат од најлојалните кои котираат високо на листите. Сакам да го повикам и премиерот бидејќи во однос на демократијата на партиите не се разликуваат и дека ако ветиле една изборна листа, јас ќе ве замолам, бидејќи велите доцна е, јас ви велам „Време е!“, рече Рангелова.

Премиерот Зоран Заев присуствуваше на дебата по која изјави дека со овие измени највисоко рангираните партии ќе изгубат најмногу, но ќе добие демократијата. Испрати порака до ВМРО-ДПМНЕ и до ДУИ, чии претставници не присуствуваат на тркалезната маса, внимателно да размислат.